Адвокати лани наплатиле над два милиони евра од општините и министерствата, најголемата исплата е 100 илјади евра
За ангажирање адвокати, сите општини, Град Скопје, министерствата и Владата, минатата година исплатиле повеќе од два милиони евра, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Според податоците до кои дошле од ЦГК, сите општини и Град Скопје во 2023 година исплатиле 1,1 милион евра за адвокати, а најчеста основа е за „правни услуги“, потоа „трошоци по извршни исправи“ и „плаќања по судски решенија“. Од исплатената сума од 1,1 милион евра, 40 проценти е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60 отсто се за исплатени адвокатски услуги по други основи како извршни исправи, судски решенија.
Град Скопје исплатил најмногу пари за најмногу адвокати
Девет општини, од вкупно 81, минатата година не користеле адвокатски услуги. Општините Босилово, Валандово, Градско, Делчево, Зрновци, Јегуновце, Карбинци, Липково и Пласница не користеле услуги на адвокати, ниту исплатиле адвокати врз други основи.
Истражувањето покажало дека една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат, во ист или приближно ист износ.
Најмногу пари за адвокати, во износ од 214 илјади евра, што е 21,5 отсто од вкупната сума што ја исплатиле сите општина заедно, е Град Скопје.
Вкупно 106 адвокати се „офајдиле“ за услугите што им ги давале на Град Скопје. Од нив, најголем износ е исплатен за услугите на адвокатката Билјана Панова, и тоа околу 49 илјади евра.
По Град Скопје на листата е скопската Општина Гази Баба, од каде за адвокатски услуги се исплатени 123 илјади евра, што е 11,3 отсто од вкупниот износ што го исплатиле сите општини.
Адвокат наплатил 100 илјади евра по основ „изградба на пречистителни станици и колектори“
За разлика од Град Скопје, од Општина Гази Баба наплати извршиле само четворица адвокати. Најголемиот износ, во висина од 100 илјади евра, општината му исплатила на адвокатот Влатко Ристовски по основ „изградба на пречистителни станици и колектори“. Тоа, како што велат од ЦГК, е највисокиот износ една општина го има исплатено на еден адвокат.
Град Скопје е прв на листата и по бројот на исплатени адвокати, 106, а зад него се Општина Битола со 60 и Општина Куманово со 35.
Името на адвокатот Влатко Ристовски од Скопје е прво на листата од вкупно 417 адвокати што наплаќале за услуги од општините.
Најголемиот дел од неговата наплата во висина од речиси 103 илјади евра е од Општина Гази Баба, а 2 500 евра се од скопски Карпош.
По него на листата е адвокатката Билјана Панова со наплатата од Град Скопје во висина од 49 илјади евра, а на трето место е Адвокатско друштво „Стојановска-Димитровски“ Крива Паланка, кое од осум општини наплатило нешто повеќе од 39 илјади евра.
Иако за оваа намена се трошат милионски суми, сепак од ЦГК, велат дека општините и министерствата немаат пишани правила за процедурата за набавка на услуги од адвокат, а најголем дел од општините одговориле дека немаат процедура за избор на адвокат.
За начинот на избор на адвокат општините рекле дека најчесто ги бирале врз основа на нивниот углед и искуство, што се лесно достапни до општината, врз основа на сознанија за стручноста и компетенциите на адвокатите, со непосредна спогодба, по слободен избор или го избрал градоначалникот.
Само две општини одговориле дека спровеле некаква постапка за избор, но исто така немаат процедура за тоа.
Во едната, адвокатот е „избран со три барања за понуди“, додека во другата „спроведена е постапка за избор со објава на повик за заинтересирани адвокати“.
Министерството за финансии предничи со исплати, но не доставиле податоци за ангажираните адвокати
Слична сума како општините и Град Скопје, за адвокатски услуги исплатиле и сите министерства заедно и Владата. За износот од еден милион евра, само две министерства ангажирале адвокати, додека другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија, и камати.
Министерството за финансии, за функциите на државата, имало најмногу исплати. Само за оваа намена исплатени биле 834 илјади евра.
Од Центарот за граѓански комуникации велат дека од Министерството за финансии не ги доставиле податоците за ангажираните адвокати ниту по решение тоа да го стори од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Министерството за финансии е прво на листата и по бројот на исплатени адвокати кои биле 327. Потоа следи Министерството за правда со 108, па Министерството за труд и социјална политика со 45.
Првиот на листата од адвокати што наплатиле од министерствата е Иван Поповски со 61 052 евра.
Втор е адвокатот Владимир Николоски кој наплатил 27 063 денари, па адвокатот Петар Василев со 26 467 евра.
Податоците до кои дошле во истражувањето од Центарот за граѓански комуникации велат дека се врз основа на одговорите што ги добиле на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, како и врз основа на податоците за извршените исплати од базата на податоци за отворени финансии.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.