За многу години Митровден: Го празнуваме Св. великомаченик Димитриј

Денес на 8. ноември се празнува големиот христијански празник Свети Димитриј во народот познат како Митровден. Именден празнуваат: Димитар, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра… Свети Димитриј се роди во Солун, во третиот век. Бил син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос. Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, сврати во Солун, за да ја испита работата. Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството. Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти. За овој ден постои верување. Спроти Митровден секој треба да биде во својата куќа, бидејќи ако не биде дома, тој цела година ќе преноќува по туѓи куќи. За Митровден исто така се верува дека предскажува каква ќе биде зимата. Ако денот е сончев, наводно зимата ќе биде блага, со исклучително малку студени денови. Ако на Митровден падне снег, се верува дека снегот ќе се задржи до април. Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството и за него не се поврзани некои посебни обичаи или обреди. Вечерта пред празникот се прави „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што поблиските се канат со лепче или со некој друг предмет. На денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако прзникот падне во ден кога се пости. Исто така, на гости се оди и следниот ден, претпладне. Инаку, сите луѓе кои се викаат Димитар, Димитрија, Диме, Митре или некоја друга варијанта, на овој ден слават именден, кој се прави навечер. Народниот обичај наложувал да се остане дома. Се верувало дека оној кој што дента нема да биде дома, цела година ќе биде надвор од него и ќе преспива по туѓи домови. Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор. Се сметало дека времето по Митровден е лажливо, односно дека зимата може во секој момент да изненади, па затоа се зацврстило мислењето дека лоша среќа е ако нешто се одложи да се заврши по големиот празник. За Митровден се верувало дека ќе се претскаже каква ќе била зимата. Ако денот бил сончев, наводно зимата ќе биде блага, со мал број ладни денови. Ако на Митровден паднело снег, се верува дека ќе се задржи се до април. Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле безобразни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни. Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна поговорка: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден”.