Трендафилов: Трговците се алчни, во септември ги покачија цените за во октомври да ги намалат и да останат со истиот профит по замрзнувањето на маржите

Вклучување на Сојузот на синдикати при креирање на мерките кои Владата ги носи за да им олесни на граѓаните и зголемени контроли на Државниот пазарен инспекторат, побара денеска претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилот. Тој смета дека последната мерка за замрзнување на маржите на основните продукти не го олесни животот на граѓаните оти трговците ја изиграле.

„За жал, трговците го искористија периодот кога Владата најавуваше дека ќе се донесе ваква мерка и што направија? Прво ги зголемија цените и минималната синдикална кошничка во делот на растот на трошоците за храна и за пијалаци беше зголемен за некаде околу 750 денари за месец септември. Сега, за месец октомври, се намалени за 960 денари. Тоа значи трговците беа алчни, на грбот на работниците повторно се обидуваат да заработуваат и зголемените цени, кои ги зголемија во септември, само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит кој го имаа. За жал во Македонија можеме да гледаме само зголемување на алчноста на трговците на штета на граѓаните и на работниците и сметам дека Владата треба да преземе навистина поригорозни чекори за да ги спречи ваквите појави“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.

ССМ очекува ограничувањето на маржите согласно Законот за нефер трговски практики да профункционира, ни за тоа не се големи оптимисти.

„Тоа што го гледаме на терен е дека е навистина слаб настапот на Инспекторатот, не поради тоа што не сакаат туку поради тоа што имаат многу мал број луѓе кои треба да исконтролираат огромен број трговци. Сметаме како ССМ дека треба да бидеме вклучени во начинот на креирање на новите мерки кои ќе ги креира Владата за ограничување на маржите имајќи предвид дека две третини од тоа што го предвиделе е од синдикалната минимална кошничка, а ние ја пресметуваме и знаеме најдобро што е потребно“, порача Трендафилов.

На крајот на месецов истекува мерката за замрзнати маржи на основните прехранбени продукти од есенската потрошувачка кошничка што ја одреди Владата. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за разлика од ставот на ССМ, смета дека есенската кошничка дала ефект.

„Одредени производи се намалени од 5 до 10 отсто. Имаше одредени производи на кои цените се намалени малку или воопшто не, како лебот, млекото и маслото за јадење, но имаше и производи каде што цените се намалени повеќе од 10 отсто. Такви се месото, зеленчукот, млечните производи, кашкавалот, сирењето и така натаму. Тоа го кажа и Синдикатот, според нивната потрошувачка кошничка во октомври цените за храна и пијалаци се намалени за 935 денари. Одлуката на Владата дава резултат и се чувствува по џебот на граѓаните“, рече денес министерот Дурмиши.

Доколку од следниот месец, по истекот на мерката цените драстично се покачат и тоа го потврди Државниот пазарен инспекторат, министерот Дурмиш вели дека ќе донесат поригорозни мерки. До крајот на годинава тој најави дека по Законот за нефер трговски практики ќе се даваат предупредувања до трговците кои ќе ги покачуваат цените, а од Нова година ќе има и казни.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.