МЕРКО ДОБИ НОВО ОБВИНЕНИЕ, ОСМО ПО РЕД: За директор ставил лице кое не ги исполнувало условите

Основното јавно обвинителство Струга поднесе уште еден Обвинителен предлог против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Овој пат ќе се гони за несовесно работење во службата.

Обвинетиот свесно ги повредил законските прописи при именување вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Радолишта, велат од Јавното обвинителство.

Иако Законот за основно образование предвидува дека вршител на должноста директор се избира од редот на вработените во училиштето кои ги исполнуваат условите за директор, обвинетиот на 12.01.2022 година за вршител на функцијата во училиштето во Радолишта именувал лице кое не ги исполнувало таквите услови, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа.

Именуваната ја вршела функцијата директор на училиштето во периодот од 12.01.2022 до 31.07.2023 година, за кој период и биле исплатени плата и придонеси како в.д. директор со што му била нанесена штета на училиштето.

Ова е осмо обвинение кое е поднесено за Рамиз Мерко.