Веапоска: Седум месеци чекам супервештачење, АКО НЕ ИМ Е ЈАСНО НЕКА МЕ СТАВАТ НА ЕХО, ЌЕ ВИДАТ ДЕКА НЕМАМ ОРГАНИ

Го чекаме супервештачењето да заврши, за да се донесе одлука од страна на судот. Но, седум месеци е предолг период. Токму од тој извештај на судско-медицинскиот одбор зависи мојот случај. Има време додека да застари предметот, ама како што е тргната работата, нема да бидам изненадена и тоа да е стратегијата, вели родилката Јалдз Веапоска која ги загуби матката, јајникот и бубрегот при царски рез во струшката болница.

Таа реагира зошто судско-медицинскиот одбор при Медицинскиот факултет во Скопје го нема завршено супервештачењето од кое зависи иднината на предметот.

Кога се обраќам во судот во Струга да прашам кога е следното рочиште каде сум оштетена, ми велат дека не е стигнат извештајот од супервештачењето, па затоа не можат да закажат ново рочиште. Ова прави да се чувствувам лошо и ми ја одзема и таа сила што ја имам – вели за „Слободен печат“ Јалдз Веапоска.

Таа додава дека ако лекарите не можат да заземат заеднички став околу нејзината состојба, треба само да ја повикаат и да ја постават на ехо-апарат.

-Доказ за тоа што е направено, сум самата јас. Прво, треба да ме гледаат мене. Кој доктор и да ме викне да ми направи ехо, ќе знае дека немам органи. Чекам да го добијам правно, тоа што го заслужувам. Малку ми беше што останав без органи, па сега треба да се грижам и дали психички ќе бидам во ред чекајќи правда во оваа држава. Но нема да се откажам, јасно е дека иднината на мојот предмет е Стразбур и Судот за човекови права – додава таа.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.