Бојан Христовски: Безбедносен сертификат не се добива за потенцијално назначувањe

Безбедносен сертификат за одредена категорија на пристап до класифицирани информации се добива кога работникот или именуваното лице има потреба од пристап и ракување со одреден степен на класификација, односно сертификатот не се бара и не се доделува за потенцијално назначување на позиција, туку откако лицето ќе биде назначено на тоа место, вели директор на Агенцијата за национална безбедност по информацијата што сам ја сподели дека не поседува сертификат „државна тајна“

Бојан Христовски, чие именување за директор на Агенцијата за национална безбедност ја бранува јавноста, вели дека согласно законот за класифицирани информации, безбедносен сертификат за одредена категорија на пристап до класифицирани информации се добива кога работникот или именуваното лице има потреба од пристап и ракување со одреден степен на класификација, односно дека сертификатот не се бара и не се доделува за потенцијално назначување на позиција, туку откако лицето ќе биде назначено на тоа место.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Христовски повтори дека во моментот поседува безбедносен сертификат од степен „строго доверливо“ што е ниво под „државна тајна“.

„Дали се работи за функционер или за инспектор во МВР или за која било друга позиција во државата, барањето се прави и изработката се прави по стапување на позиција. Во моментов ракувам со класифицирани информации од степенот на сертификат кој го поседувам, а тоа е – ’строго доверливо’ и ја опфаќа работата на 99 отсто информации кои овие пет дена стигнуваат до мене“, рече Христовски.

Во случаите кога добива документ кој е класифициран како „државна тајна“, го пренасочува кон актуелниот заменик-директор на АНБ, кој поседува таков сертификат, по што тој ги проследува тие информации. Така ќе биде, вели Христовски, се додека тој не добие сертификат „државна тајна“.

360°: Што е разликата помеѓу сертификат со назнака државна тајна и НАТО-сертификат, постои ли разлика?

Христовски: Државна тајна е национален сертификат во рамки на тоа што се работи во државата, НАТО-сертификат е за ракување со документи од меѓународна организација и од заштита на НАТО.

360°: Вам ви треба и таков сертификат?

Христовски: Да.

360°: Аплициравте?

Христовски: Да, аплицирав за сите потребни безбедносни сертификати за извршување на мојата позиција. Тоа го направив првиот ден од доаѓањето на функцијата.

Извор: 360 степени

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.