Бектеши за 360: ДУИ може утре да извади десет илјади на улица, но не сакаме протестите да излезат од контрола

Интересот на ДУИ не е да се случат насилни протести, вели членот на раководството на опозициската Демократска унија за интеграција во интервју за „360 степени“, на прашањето – зошто се решија на средби со граѓани, наместо да излезат на улица. Партијата со месеци се жали дека тие, а не коалицијата „Вреди“, се легитимни претставници на Албанците по последните избори Бектеши не се согласува со тезата дека начинот на кој ДУИ ја практикуваше власта го „истроши“ нивниот партнер СДСМ. На прашањето дали има страв во неговата партија од потенцијален кривичен прогон вели – не верувам

Уште вечерта, кога заврши гласањето на парламентарните изборите на 8 мај, Демократската унија за интеграција како предводник на т.н. „Европски фронт“ прогласи победа меѓу гласачите Албанци во земјава. Од тој момент трае и повторувањето на тезата дека тие се единствените кои имаат легитимитет да ги претставуваат Албанците во извршната власт, а не коалицијата „Вреди“. Пораките досега беа искажувани само вербално.

Наместо протести – средби со граѓани

Новата власт, пак, уште летово испрати предупредување дека од септември ДУИ ќе почне да ја вжештува домашната политичка сцена и меѓуетничките односи бидејќи не се дел од власта. На крајот на октомври засега нема ништо од тие најави. Единствено, од неодамна, ДУИ почна со средби со граѓани.

„Прво и основно, протестите не се исклучени. Зошто? Затоа што ДУИ одлучи да излезе на терен и да го слушне гласот на граѓаните. Граѓаните нам ни ја дадоа довербата и сега секако дека граѓаните бараат од нас да ги претставуваме имајќи предвид дека е дадена таа доверба“, вели Крешник Бектеши, за „360 степени“ на прашањето зошто не протестираат, туку се одлучија за средба со граѓани.

Според Бектеши, моделот на средби со граѓани е интерактивен, односно граѓаните можат да поставуваат прашања и да даваат предлози. На прашањето дали на тие средби добиле и критички прашања, тој вели:

„Јас бев на втората средба. На првата бев на почеток. Мислам дека се многу конструктивни прашањата, а воедно има и конкретни предлози за начинот како треба да се делува. А сите во насока на интересот на државата, на РМ. Генерално, што е мојот впечаток од првите два состаноци, дека граѓаните повеќе бараат што побрзо да се одблокираат уставните измени и да се почне да се отвораат кластерите со Европската Унија“.

Следното прашање кое го доби поранешниот министер за економија беше – дали одбегнувањето на протестите значи дека во општеството нема таков набој, како што ДУИ вели дека има. За илустрација, интегративците тврдат дека Албанците се деградирани и дискредитирани во новата влада, дека ја изгубиле политичката партиципација, па дури и дека земјата се враќа во состојба како пред конфликтот во 2001 година.

Насилството не ни е во интерес

Крешник Бектеши возврати дека имаат капацитет веднаш да направат протести, но дека се доволно одговорни да бидат внимателни.

„10 000 луѓе може ДУИ утре да свика кај сака, во кој град сака. Не е намерата да се направи само протести и наративот да биде само негативен. Па, тие протести после треба да бидат контролирани и тие што ги организираат имаат одговорност. Ние внимателно треба да направиме проценка за да не излезе од контрола и така треба да се однесуваат сите државотворни институции во нашата држава, вклучувајќи ги и политичките партии. Ако одиме на протести, ние мора 100% да се осигураме дека тие нема да бидат насилни бидејќи интересот на ДУИ не е да има насилни протести. Да, изразување на мислење преку протести, тоа е демократски чин и тоа не треба само политичките партии да го прават. Можат организации да го направат, граѓани самостојно да го направат и тоа е добро за едно општество, се со цел да се подобри владеењето“, изјави Бектеши.

Но, дали освен што бара да се смени однесувањето на власта, ДУИ ќе проба да смени нешто и кај самата себе. Бектеши не потврди, но и не одрече такво нешто.

„Сите што даваат добронамерни предлози се добредојдени. Ќе бидат разгледани од страна на претседателството на ДУИ. Секако, ДУИ има свои грешки и одредени луѓе од ДУИ имаат свои грешки, вклучувајќи ме и мене лично. Не сум бил перфектен во водење на Министерството за економија во последните седум години… Не биле намерни грешките и ако ненамерно се прават грешки, јас можам јавно, ако на некого сум му погрешил во тоа време, и да му извинам. Но, намерата е многу важна и подобрувањето, од тоа што се слуша од гласот на граѓаните и бизнис-секторот“, вели Бектеши.

ВМРО-ДПМНЕ, со наредби кон уставните судии да го укинат „балансерот“, создава услови за враќање во 2001 година. Прашан дали е претерана реториката во писмата што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги испрати до повеќемина странски претставници, во кои, меѓу другото, констатира дека она што се случува по изборите на меѓуетнички план, нè враќа „на условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година“, Бектеши одговарадекa тоа е одговор на реториката на Христијан Мицкоски.

„Не би рекол дека е претерана имајќи го предвид тоа што ДУИ го има кажано од периодот кога е формирана оваа влада сè до денес и одлуките кои се носат во државата. Незамисливо е за членка на НАТО, премиер да најавува кои одредби би ги укинал Уставен суд, кој треба целосно да биде независна институција. А воедно и да се имплементираат и реализираат во пракса програми на политички партии, како што беше укинувањето на „балансерот“, иако тоа и не е толку голем проблем зашто е само механизам за следење на правичната застапеност. Уставниот суд отиде и чекор напред. Тој ја укина можноста на граѓаните на Република Македонија да се изјаснат на која етничка припадност и припаѓаат“,вели Бектеши.

Ако некој вели дека сме вратени на условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година, може ли тоа да се разбере како закана за нова војна, беше следното прашање до високиот претставник на ДУИ.

„Ние сме членка на НАТО, ние сме во 21 век, каде што државата веќе има сили и мехнизми да се седне и да се разговара се со цел да продолжиме на овој пат кој го тресираме сите заедно како држава и што побрзо да се интегрираме во Европската Унија. Такви дестабилизации и тензии, кои беа најавени од господинот Мицкоски, тие се само во неговата глава и во главата на одредени нивни луѓе, сè со цел да се обидат, од тоа што не можат да го реализираат како владина програма и ветување на граѓаните, да ја дефокусираат јавноста“,
рече Бектеши.

Повикан да одговори дали ваквиот став (дека земјата се враќа на условите пред 2011 година) е самообезвреднувачки за ДУИ – дека по 18 години на власт нема постигнато ништо трајно за статусот на Албанците во земјава, поранешниот министер за економија вели дека никој не негира дека има постигнувања во изминатит период.„Ние зборуваме за начелата и столбовите на Охридскиот рамковен договор. Тоа е правичната застапеност, таа е укината со одлуката на Уставниот суд. Како се реализираат сега вработувањата во јавниост сектор“,врати Бектеши.

„Албанците се застапени и Албанците ќе продолжат да бидат застапени, но намерата на ВМРО-ДПМНЕ, која им дава наредби на уставните судии, зашто одлуката во делот на укинување на изразувањето на етничката припадност, која индиректно го укинува „балансерот“ е донесена со надгласување. Уставните судии од македонска припадност ги надгласаа другите членови. Кога се носени одлуките во нашата држава со надгласување на другите етнички заедници? Пред 2001 година“.

На забелешката дека Албанците се далеку позстапени во јавниот сектор отколку што беа до 2011 година, па и на раководни позиции, дека ги има во значаен број и во полицијата и армијата, дека албанскиот јазик е во широка официјална употреба на државно ниво, а во парламентот има функционален механизам кој е брана од етничка мајоризација (Бадентер), Крешник Бектеши коментираше дека актуелните политики на власта не ја носат државата во посакуваниот правец.

„Никој од ДУИ не кажува дека нема достигнувања. Но, ние не сакаме да се вратиме назад бидејќи знаеме како беше пред 2001 година и како е денес. Албанците и другите етнички, заедници заедно со Македонците, ја носат државата напред. Со укинувањето на главните права што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, преточен во Уставот на Република Македонија, секако дека намерата не е добра и не одиме во добра насока“,вели ексминистерот од редовите на ДУИ.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.