СДСМ смета дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да го реши спорот со Бугарија,ВМРО-ДПМНЕ: Видовме како се преговараше зад затворени врати

СДСМ денеска обвини дека секојдневно ВМРО – ДПМНЕ ги поткопува стабилните меѓународни позиции што ги изградиле додека биле на власт. Портпаролката на партијата Богданка Кузеска на прес-конференција рече дека со последната посета на Софија, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозиле македонската самобитност и македонски идентитет.

За прв пат еден македонски државник се сретнал со друг државник без никакви државни обележја и ова е скандал без преседан. Ова е навреда и омаловажување на државата и нејзините граѓани, рече таа.

Кузеска на прес-конференцијата изјави дека вчерашната реакција на кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска само потврдува дека Владата и претседателката на оваа држава „ги лажат граѓаните“.

Како тоа биле тие измамени и непланирано се сликале на официјална фотографија? Како ако биле измамени да се фотографираат сите без македонското знаме, одма побрзаа да ги објават фотографиите на своите профили. Зошто објавиле фотографии ако целата ситуација била подметната? ДПМНЕ и Сиљановска ја вреѓаат интелигенцијата на граѓаните. Тие свесно се сликале, свесно објавиле и се пофалиле со скандалозната посета, рече Кузеска.

Според неа, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ иницирале дипломатски скандал со кој допуштиле Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани.

Ако ова е тоа што го може македонската дипломатија под водство на Мицкоски и Сиљановска, како тоа ќе преговараат подобри позиции во меѓусебните разговори? Сиљановска ли е таа која ќе ги води овие разгвори или пак Муцунски кој остана нем и без реакција на дипломатскиот скандал кој ни се случи?, рече Кузеска.

Обвини по овој скандал власта ја вратија државата години назад и ги нарушија сите позиции изградени претходно.

Не е изненадување што СДС повторно се обидува да ја манипулира јавноста со лаги и полувистини. Веќе станува повеќе од јасно дека освен Халеевата комета константни се единствено предавствата на СДС. Кога се на власт оваа корумпирана клика ја продава државата, а кога се во опозиција, прават сѐ за да ги опструираат институциите и да ја кочат Македонија, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додека СДС беше на власт, видовме како се преговараше зад затворени врати, како се менуваше името на државата без вистинска консултација со народот, и како се промовираа политики што ги понижуваа нашите национални интереси. Тие продадоа сè што можеше да се продаде и сега, од опозиција, лицемерно критикуваат и напаѓаат.

Не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања.

За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста.

СДС треба да престане да манипулира со јавноста и да се погледне во огледало за сите предавства што ги направи на македонскиот народ. Доколку тие имаат некаква желба да бидат конструктивни, нека престанат со клеветите и нека се посветат на реалната поддршка на македонските интереси.

Ние ќе продолжиме да се бориме за Македонија, за нашето знаме, за нашиот народ и за нашата гордост – нешто што СДСМ очигледно одамна го заборави.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.