И Лукаревска ќе падне за „Крмзов“? Нови детали покажуваат како се крадело преку измислени фирми на Косовари
Случајот „Крмзов“ се расплеткува во повеќе етапи и БЈБ на МВР, во координација со повеќе други институции, открива сомнежи за криминал повеќе од очекуваното, информираат добро упатени извори, пренесува ПлусИнфо.
Во текот на вчерашниот ден е влезено во други два магацина на струмичката империја на бизнисменот Крмзов.
Едно од главните дела кои им се става на товар на лицата под истрага е фиктивниот поврат на ДДВ и оштетувањето на државната каса. Извадени се два камиона доказен материјал. Само во еден случај тие прикажале 880 милиони денари за поврат на ДДВ.
-Можно е акцијата да се прошири и кон поранешни носители на државни институции, како поранешната директорка на УЈП Сања Лукаревска и директорката на Централниот регистар. Истрагата открила дека биле регистрирани фирми на косовски државјани со измислени имиња, кои не постојат во базата на податоци, за да се забошоти криминалот, пишува порталот.
Како што дознава КУРИР, вработени во УЈП веќе почнале да зборуваат за одреден криминал во институцијата за време додека Лукаревска управуваше со неа.
-Биле испумпувани пари од поранешната Еуростандард банка на Трифун Костовски и кредитите не биле враќани. Тогаш Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека струмички фирми блиски до семејството Заеви, меѓу кои и фирма на братот на премиерот Зоран Заев, не плаќале кредити во Еуростандард банка и оствариле добивка од близу 13 милиони евра, потсетува ПлусИнфо.