Костовски, добитник на наградата „8 СЕПТЕМВРИ“: Ништо не е невозможно за тој што ќе се осмели, направиме чекор од Скопје до Токио и стигнавме до олимпискиот медал
Најголемиот успех Костовски го постигна како тренер на олимпиецот Дејан Георгиевски, кој го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во 2021 година.
Спортскиот работник, тренер и претседател на Таеквондо федерацијата на Македонија, Борче Костовски, е добитник на годинашната награда за животно дело „8 Септември“.
Најголемиот успех Костовски го постигна како тренер на олимпиецот Дејан Георгиевски, кој го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во 2021 година.
На свеченоста по повод доделувањето на наградите што се одржа денеска во во Собранието, Костовски истакна дека ништо не е невозможно за тој што ќе се осмели.
– Една мала група на одбрани се осмеливме да направиме чекор од Скопје до Токио, чекор кој трае седум години. Се осмеливме да освоиме олимписка норма, да ги погледнеме најсилните противници во нашиот спорт во очи и да ги победиме. Се осмеливме да стигнеме во олимписко финале на олимписки игри, сето тоа резултираше со сребрен медал и со поставување на нашето знаме на олимпискиот медал, истакна тој.
Костовски се заблагодари и наградата ја посвети на својот татко и целата, како што рече, „чесна работничка класа“.
Министер за спорт и млади, Борко Ристовски, на настанот истакна дека сите пријавени кандидати биле заслужено на листата.
– Би сакал да порачам ова да биде само еден поттик за уште повеќе да имам следната година пријавени, ние како држава и министерство да имаме уште повеќе награди да доделуваме. Како министерство секогаш ќе бидеме на страна на спортистите и спортските работници. Овие награди кои ги добивате се огромна чест, но и огромна одговорност, да ги носите со гордост и со достоинство и да бидете достојни претставници на македонското општество кое врз база на вашите дејствувања ќе гледа во вас идоли и ќе се градиме како општество, рече министерот.
Признанија за остварувања во областа на спортот денеска им беа доделени и на Мирко Димчевски, Рамадан Шабани, и Димитар Јованов од борење, како и на првиот стрелец за Македонската фудбалска репрезентација, Зоран Бошковски.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.