„Не ми е жал што ќе умрам, загинав за Македонија“: 23 години од масакрот на бранителите кај Љуботенски Бачила

На 10 август 2001 година, воено товарно возило на Армијата на Република Македонија, на патот кај месноста Љуботенски бачила во Скопско, нагази на две противтенковски мини.

Животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.

Сите беа припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје кои се бореа против албанските терористи на ОНА.

Веднаш по нападот почнува неколкучасовна престрелка меѓу (УЧК) ОНА и втората чета на Третиот баталјон, од каде што се и загинатите војници. Во текот на престрелката бил извршен воздушен напад врз формацијата на ОНА со хеликоптери и тие се повлекле.

Меѓу настраданите војници бил и Марјанчо Бошковски, роден на 14 јуни 1973 година во скопската населба Бутел со мешовито население. Тој се дружел и со Македонци, и со Срби, Албанци, Роми и Бошњаци… Тоа можело да се види и на неговиот погреб. Три години пред да започне конфликот во Македонија починал неговиот татко.

Бошковски бил гардист во АРМ. Подоцна неколку пати повикуван на вежба, а последен пат мобилизиран на 19 март 2001 година. Оттогаш до денот на загинувањето, 10 август, со мошне куси прекини, постојано бил по рововите на Скопска Црна Гора.

На 8 август 2001 година требало да се раздолжи и да се врати дома. Веќе му било подготвено решение за редовен работен однос во АРМ. Бидејќи не била дојдена комплетно смената, Марјанчо и неговите соборци останале уште два дена, до кобниот 10 август.

На враќање од позициите, камионот застанал пред чешмата, се напиле вода и наполниле шишиња. Потоа, само што тргнале, експлозијата го разнела возилото. Десетина, петнаесет метри од патот, имало терористичка заседна со пет- шест вооружени терористи. Тие ги активирале експлозивите и припукале на возилото. Тогаш од позициите повисоко на планината дотрчал бранител пукајќи со автомат да ги заштити другарите. Терористите се разбегале, а Марјанчо починал на пат кон болницата.

Во текот на транспортот, Марјанчо имал кус дијалог со лекарот што бил во екипата за извлекување на ранетите и убиените кај Љуботенски Бачила.

„Докторе, однесете ме дома“, му рекол на лекарот.

„Стрпи се уште малку и се ќе биде во ред“, му одговорил лекарот.

Марјанчо претчувствувал дека животот му е загрозен:

„Знам дека тука ми е крајот. Однесете ме дома само да ги видам сестра ми и мајка ми. Само да ги видам. Не ми е жал што ќе умрам, загинав за Македонија”

Марјанчо Бошковски постхумно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Република Македонија. Тој останал неженет и без деца, а случајот Љуботенски бачила не расветлен до крај.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.