ДАЛИ ВМРО СЕ ЛУКСУЗИРА ИЛИ СДСМ СЕ ГЛУПИРА? – Многу се 20.000 евра за авиобилети за 5 министри за Самит на НАТО, а таман се 600.000 евра за рент-а-кар за Самитот на ОБСЕ во Скопје?

Опозицискиот СДСМ се обиде да произведе скандал, обвинувајќи дека премиерот Христијан Мицкоски и неговите министри, за авионските билети со бизнис класа за последните патувања потрошиле речиси 20.000 евра народни пари.

За СДСМ ова е „душманско„ трошење народни пари, а „расипништвото на Мицкоски и на министрите на ВМРО-ДПМНЕ“ било „најрасипана форма на лицемерие“.

Опозицијата бара Владата да ги објави сите трошоци за „скандалозните патувања на Мицкоски и на неговите министри“,

А тоа што Заев и Шеќеринска се шетаа со хеликоптери од овде до онде?

Во поголем дел од јавноста, реакцијата на СДСМ наидува на потсмев, но и на потсетување на тоа на кој начин СДСМ трошеше народни пари, додека беше на власт.

„Додека СДСМ беше на власт, а Зоран Заев премиер тој низ Македонија се возеше со хеликоптер. Истото го правеше и Радмила Шекеринска како министерка за одбрана, но не остануваа покусо и другите функционери на СДСМ да го користат хеликоптерот. Функционерите на СДСМ, не само што за низ Македонија го користеа хеликоптерот, се луксузираа и што вели народот за наваму натаму и со владиниот авион“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Успешна турнеја носи 3 инвестиции

Резултат од сите тие патувања беше блокада на Македонија на сите полиња, вели ВМРО-ДПМНЕ и додава:

„Сега ситуацијата е сосема поинаква. Средбите се со цел и се во полза за Македонија и граѓаните. Или за овој период има околу 20 средби, а истите резултираат со отворање на патот за граѓаните и Македонија во подобра насока. Или само за овој период има три инвестиции кои ќе го зголемат стандардот. Колку за илустрација, само на Самитот на Европската политичка заедница, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со новиот министер за надворешни работи на Велика Британија, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, Јаков Милатовиќ, претседателот на Црна Гора и со Румен Радев, претседател на Бугарија“.

Да не треба со брод во втора класа да патуваат?

Во колумна во Плусинфо, професорот Трајко Славески се подбива со обидот на СДСМ да измисли скандал.

„Можеби сакаат високите владини претставници на следното патување преку океанот да патуваат еден месец со брод од италијанското пристаниште Џенова, откако претходно со воз втора класа би пристигнале до брегот на Италија. Не сум сигурен дека ваквото патешествие би било поевтино за мкедонските даночни обврзници. Сигурно во Владата, од некој претходен состав, постои правилник со кој е уредено кој може да користи бизнис класа при патување со авион, и под кои услови. Тоа од СДСМ не го кажуваат. Многу е веројатно, а така било и во минатото, високи владини функционери да може да патуваат со бизнис класа на прекуокеанските летови“, пишува Славески.

СДСМ го обвини професорот дека докажал „ што вистински значи ароганција и потценување на граѓаните“. ОПозициската партија тврди дека Владата, уште од времето на Груевски, има одлука со која сите функционери се задолужваат да патуваат со економска класа. „Се потврдува констатација на СДСМ дека ова ВМРО-ДПМНЕ е далеку полошо и од претходното“, се вели во соопштението на опозициската партија.

Што е тоа луксузирање?

Што е навистина луксузирање и „душманско трошење народни пари“? На социјалните мрежи многу луѓе си го поставуваат ова прашање и коментираат:

Дали трошокот од 20.000 евра за авиобилети е луксуз, или потрошените 700.000 евра три години по ред, за организирање на прославата на Рамковниот договор?

Дали 20.000 евра за авиобилетите на 5 министри за самитот на НАТО се „душманско трошење народни пари“, или 150.000 евра потрошени за приватната ќурка на Зоран Заев наречена „Отворен Балкан“?

Дали 20.000 евра за патување на важен самит на кој новата Влада ја консолидираше меѓународната позиција на земјата е неприфатлив трошок, или оние 600.000 евра за изнајмување на возила за потребите на самитот на ОБСЕ во Скопје, кој беше приватна журка Бујар Османи?

Извор: Вечер.мк