Без плата три месеци и со старо возило: Екипа на Национални Шуми од Демир Капија до Серта дошла со теренско возило старо 38 години

Екипа на ЈП „Национални Шуми“ која учествува во гасењето на еден од пожарите во земјава, од Демир Капија до планината Серта дошла со теренско возило старо 38 години. Ова денеска го обелодени првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Раководителот на подружницата на „Национални шуми“ од Демир Капија информира дека возилото е произведено во 1986 година.

-Прекрасен олдтајмер, но верувам дека овие луѓе треба да гасат со понови и подобри возила. Верувам дека на пазарот на олдтајмери може да достигне повисока цена, но неговата функција во совладувањето со шумските пожари е значително намалена и покорисно би било некое поново возило, рече Ангелов во своето видео-обраќање.

Како што информира раководителот, последната плата ја земале во месец април. Ангелов му се заблагодари за пожртвуваноста и верува дека актуелната Влада ќе посвети внимание, за да се надминат ваквите состојби во ЈП „Национални шуми“.