И Деспотовски незадоволен од процесот за избор на СДСМ
По вчерашното повлекувње од кандигат за лидер на СДСМ, денеска и кандидатот Јован Деспотовски потенцираше дека има информации за голем број на членови на партијата на кои што им било оневозможено да гласаат.
„Денеска е голем ден за СДСМ. Денеска избираме претседател во партијата. Добро е што луѓето излегуваат и гласаат. Јас очекувам дека целата оваа енергија што успеавме изминативе денови да ја мобилизираме, енергија за промени, денеска да се ефектуира, односно да се случи преку гласањето. Очекувам до крајот на денот ќе се почитува принципот на демократски изборен процес и дека членовите на СДСМ ќе изберат еден нов почеток кој што треба да почне уште утре, рече Деспотовски.
Загрижувачки е, како што рече, што во досегашниот тек на гласањето има голем број на членови на СДСМ на кои што не им било овозможено да гласаат иако имаат се она што е потребно за гласање.
Сите овие случаи се евидентираат секаде, имаме контрола на секое избирачко место низ државата во сите општински организации. Без разлика на исходот од гласањето, ќе мора во наредните неколку денови да се посветиме како политичка партија сите овие случаи да ги расчистиме„, додаде Деспотовски.
Тој напомена дека СДСМ е политичка партија која што во ниту еден момент не смее да си дозволи своите членови да ги враќа од избирачките места, особено не да си го дозволи тој „луксуз“ во ситуација во која што се сега, кога навистина секој член е важен.
Прашан за коментар во врска со повлекувањето на кандидатурата на поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, Деспотовски одговори дека уште ги чека доказите за наводните нерегуларности.