Керим: Не може Грција да не го применува „преспанскиот“, а да го бара тоа од Македонија

Поранешниот шеф на македонската дипломатија и поранешен амбасадор, Срѓан Керим, анализирајќи ги новите тензии и препукувања на релација Скопје-Атина во однос на Договорот од Преспа смета дека ако има проблеми во имплентација на Преспанскиот договор, треба да се седне на маса и да се разговара отворено за да се решат проблемите, а со еднострани одлуки и тој тип на однесување, тешко ќе ја постигнеме целта.

Според Керим, Договорот може да се загрози единствено доколку се применува праксата „а ла карт“ во меѓународните односи – што подразбира секој да избира она што му одговара и тоа да го применува, а тоа што не му одговара, не го применува.

„Тука е потребен договор како и интегрално да се применува и спроведува спогодбата. Секоја треба да ги почитува однесувањето и внатрешната политика на другата земја.

Не може Грција во своите редови и на своја територија да не применува одредби на спогодбата од нивни познати причини, а од друга страна критички да се однесува кон потези кои се влечат од Македонија, истакнува Керим во интервју за „Локално“.

Постои и друг принцип на меѓународните односи, вели екс-министерот, како што е реципроцитетот и разбирање за одредени работи.

„Грците мора да разберат една работа дека постоењето на држава која се вика Македонија не е прашање на територијални претензии кон Грција, туку национално прашање. Постои нација во рамките на државата – сеедно дали се викала Народна Република Македонија, Социјалистичка Република Македонија, Република Македонија, па сега Република Северна Македонија.

Таа нација во Македонија не може поинаку да се вика отколку како што кажува името. Такви примери има низ целиот свет, почнувајќи од Америка. Да нема американска нација, ќе ги нема САД. Не е работата за територијално прашање, туку национално.

Постои македонски народ и тоа е прифатено со Преспанскиот договор и многу други договори, конвенции и спогодби. Ако има македонски народ, има и македонски јазик. Тие работи не треба да бидат предмет на расправии, тензии и толкувања, вели поранешниот прв човек на македонската дипломатија.

„Во случаите на држави како Грција, Романија, Бугарија и Хрватска им се „замижуваше“ на слаби точки или проблеми и им отвораа пат. И во однос на Македонија треба истото да биде – наместо дополнителни критериуми, треба да ни се отвора патот по меритократски критериуми на ЕУ, како што се: внатрешното уредување на државата, кое како ретко во која европска земја има признавање на етникумите и малцинските права меѓу најнапредните.

Нема друг пример освен Македонија која во таа мера и толку пати го менувала и модификувала уставот за да се приближиме кон ЕУ“ вели меѓу другото Срѓан Керим.

Comments are closed.