Тошковски: Поднесена кривична против градоначалникот на Богданци поради злоупотреба на службена положба
СВР Струмица поднесе кривична пријава против градоначалник на општина Богданци и вработена во Одделение за урбанизам при Општина Богданци, информираше министерот Тошковски на својот фејсбук профил.
Имено, првопријавениот во својство на градоначалник на Општина Богданци, во периодот од 17.05.2021 до 15.06.2021 година по претходно спроведена јавна набавка и договор склучен со најповолен економски оператор, со средства од буџетот на Општина Богданци извршил изградба и реконструкција – поставување на бехатон на КП 9458 КО Богданци која е во приватна сопственост, без да се спроведе постапка за експропријација, на начин што свесно оваа парцела ја прикажал како дел од улица “Крсте Мисирков” во Богданци бидејќи за истата нема и не може да има соодветна дозвола за градба и на тој начин спротивно на ДУП на Општина Богданци, спротивно на Закон за експропријација и без соодветна дозвола за градење , со буџетски средства бесправно е изградена приватна КП 9458 КО Богданци, во корист на нејзините сопственици, а на штета на буџетот на општината.
Второпријавената вработена на работно место помлад соработник – урбанистички планер во Одделение за урбанизам и градежништво во Општина Богданци со овластување дадено од првопријавениот, задолжена како одговорно лице за следење на текот на постапката за изградба и реконструкција на улици на територија на Општина Богданци, иако била должна да знае дека наведената КП е во приватна сопственост, дека согласно ДУП за Општина Богданци на истата не може да се вршат градежни активности, бидејќи нема соодветна дозвола за тоа и не е спроведена постапка за експропријација, сепак го пропуштила надзорот кој била должна да го спроведе со несовесно постапување во вршење на своите законски овластувања и во ниту еден момент не реагирала на незаконските постапки со што овозможила бесправно со буџетски средства да се изгради приватна парцела КП 9458 за КО Богданци во корист на нејзините сопственици, а на штета на буџетот на Општина Богданци.
Со горенаведеното првопријавениот сторил кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување” и “Бесправно градење”, а второпријавената сторила кривично дело “Несовесно постапување во службата”.