СДСМ денеска во глувчешка дупка
Молк во СДСМ денеска. По вчерашните катастрофални резултати во првиот круг од претседателските избори, каде кандидатот на владејачката партија не успеа да обезбеди ни 200 000 гласа, денеска партијата ја нема. Ниту едно соопштение, ниту една изјава, ниту пак распоред за денешни митинзи и средби со граѓани во рамките на кампањите и за вториот круг претседателски избори и за парламентарните избори. Каде се СДСМ денеска?
Се јавија само неколку пера блиски до СДСМ кои ја бараа вината сегде, само не таму каде што треба.
Па така новинарот Зоран Ивановски пишува дека гласачкото тело на СДСМ на овие избори се поделило на три дела. Кај Пендаровски, кај СДСМ и кај Максим.
ДУИ објективно беше камен околу вратот на СДСМ посебно на мистиката со темата Бехтел и Енка, па Соравија и внуците на лидерот на ДУИ дури и со бизарноста за па петардите во џипот и слични случки. Башка, рејтингот на судството, перцепцијата за корупцијата, последниот извештај на Стејт департментот за состојбите во земјава со човековите права и слично. Кумулативно, целата општа состојбата вчера се сруши и врз претседателскиот кандидат што СДСМ го подржува – пишува Ивановски.
Тој најде вина и во медиумите.
Тука, секако е и темата за уставните измени, товар што ова раководство на СДСМ го носи за време на целиот свој мандат, а дополнително медиумите, посебно највлијателните, националните телевизии, за цело тоа време, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, кампањски ја враќаа „гордоста на нацијата“ и сето главно врз грбот на СДСМ. Дека СДСМ секогаш самиот се поразува себе е доказ и феноменот Максим кој, да не речам националистичка но ајде национал романтичарска или како доминантно и кај ВМРО-ДПМНЕ, квази патриотска структура, вчера беше факторот кој дополнително или дури доминантно, сеедно, го порази СДСМ – пишува Ивановски.
Секако ја упати и пораката дека „народот е во право дури и кога греши“. Но не успеа да му најде ниту една грешка на Пендаровски која доведе до ваков ужасен процент зад неговото име.
Секако без Ненад Јовановиќ СДСМ не би можело да се одбрани. Па тој ја упати пораката:
Помина првиот круг од претседателските избори, резултатите како што „политичката јавност“ е информирана во земјата, си ги виде и поброи. Госпоѓата Силјановска ги собра најголемите „вмроовски“ гласови, а нејзините претпоставени рекоа дека тоа биле „гласови на граѓаните“. Јок, море! Тоа се гласови спремни за нова власт, поточно тоа се гласови кои ќе ја „конституираат“ новата власт во земјата на граѓаните и граѓанките.
Некоја чудна поделба на гласови на граѓани и неграѓани…
Јовановиќ дава епитети за кандидатите:
Стево Пендаровски, тој мил и фин човек, доби „само“ 180 илјади гласови, за разлика од Гордана Силјановска, која доби двојно повеќе. Останатите отцепени „сдсмовски“ и претпоставувам „демократски“ гласови, ги добива Максим Димитриевски наречен „максимилијан“ (Боже, каков претенциозен прекар!). Во албанскиот блок, пристојниот кадар на ДУИ, Бујар Османи, добива 120 илјади гласови, а гостиварчанецот Арбен Таравари добива 83 илјади гласови, барем толку покажува сајтот на Државната Изборна комисија.
И секако виновна е короната, економската криза, енергетската криза, сите само СДСМ и тој „фин и мил“ Пендаровски.
Што се однесува до Социјалдемократите, тие во овие несреќни седум години: корона, еконoмска и енергетска криза, Уставни измени, и купишта од добри работи кои ги направија, ете, очигледно не направија доволно. Или можеби обратно – направија сè добро, ама „мнозинскиот народ“ повеќе љуби десни, конзервирани партии кои ќе има кажат „кој е тука вистинскиот газда“? Во секој случај, социјалдемократијата е најдобрата македонска политичка „традиција“ што ја има оваа земја. Цифрата која ја доби Стево Пендаровски не е мала, напротив, тоа е втора по сила политичка партија во земјата. Многу луѓе и предвидуваа крај, дебакл и потполна анонимност. Ама факт е дека никој не решава така горливи прашања како што ги решаваше СДСМ изминативе седум години, барем откако е власт во оваа земја.
Кога сè ќе се собере и одземе, може да се (пред)види дека резултатите од вториот круг ќе бидат сосема различни од резултатите во првиот круг. Во таа смисла, претседателските избори се сериозна шанса или пак „смртно sвоно“.
Од сето ова на Јовановиќ се чини дека вистина е „смртното ѕвоно“, но не онака како што тој го објаснува. Се чини овие избори се смртно ѕвоно за СДСМ.
Пендаровски синоќа излезе да го признае поразот на изборите. Застана сам. Рече дека резултатите не се такви какви што ги очекувале и дека разликата мислеле дека ќе биде околу 130.000 гласови. Разликата е за 50 000 гласа поголема од она што на Пендаровски му изгледаше катастрофално. До него го немаше лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Само неколку минути подоцна на прес се појави и Ковачевски, без Пендаровски. Зад него застанаа носителите во шесте изборни единици. Од Пендаровски немаше ни трага ни глас.
Што се сучува во СДСМ? Дали смртното ѕвоно на Јовановиќ почна да чука?!