По низата навреди кон неа, Силјановска Давкова со нова преставка до ДИК, КСЗД, ОБСЕ, НДИ, Хелсиншки…
Кандидатот за претседателт, проф.Гордана Силјановска Давкова денеска поднесе нова преставка до Државната изборна комисија, Комисијата за заштита од дискриминација, ОБСЕ – Организација за безбедност и соработка на Европа, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Мисија за набљудување на изборите (ЕОМ) при ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права, Националниот демократски институт, Хелсиншки комитет за човекови права.
Во преставката се констатира дека и покрај потпишаниот Кодекс за фер и демократски избори во периодот од 10 до 14 април 2024 г. различни лица вклучени во неговата кампања, вклучително и самиот кандидат Стево Пендаровски, го кршат Кодексот и предизвикуваат вознемирување и повреда на личното достоинство на Силјановска Давкова, во согласност со член 10 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Објективизација и потчинетост на мене како жена се забележува во:
– говорот на кандидатот за претседател Стево Пендаровски на митингот на СДСМ во Кавадарци на 10 април 2024 година: „Христијан Мицкоски да набави „џи-пи-ес“ за неговата кандидатка“;
– говорот на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на митингот на СДСМ во Општина Карпош – Скопје на 12 април 2024 година: – „Јас не ја кандидирав тетка ми Жана за претседател на држава, па да морам да ја шетам по цела Македонија“ ;
– Дискриминација врз основа на пол, возраст и сексизам се забележува и во јавното обраќање на граѓанин на митинг на СДСМ во Куманово на 14 април 2024 година: „Од баба невеста не бидува“, се вели во претставката.
Во претставката се потенцира дека ваквите изјави и однесување не се осудени од: кандидатот Стево Пендаровски, раководството на СДСМ, ниту, пак, од Форумот на жени на СДСМ; напротив од однесувањето на Ковачевски и Пендаровски овие постапки се одобрени и поттикнати со смеење, ракоплескање, и триумфално однесување.
Навредите и говорот на омраза и јавното демонстрирање на мизогинија се користат на митинзи и на други јавни настапи со цел да се влијае врз јавното мислење и да се предизвикаат реакции на исмејување од страна на присутните граѓани во толпата. Сето ова води кон поттикнување и охрабрување дискриминација и сексизам.
Со својата кампања Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, ги прекршува човекови права Гордана Силјановска Давкова и повредува неколку одредби од Уставот за кои се образложува во преставката, велат од тимот на професорката од каде ги повикуваат медиумите будно да ја следат состојбата, да комуницираат со домашните и меѓународните институции во врска со оваа преставка и со нарушените права на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова.