Мицкоски: Актуелната власт донесе цикличен артаноиден хибриден режим, по 8 мај Македонија ќе биде повторно слободна и предводена од Влада на ВМРО-ДПМНЕ
Во овие 15 дена од кампањата за првиот круг за претседателски избори буквално насекаде низ Македонија се чувствува победничката атмосфера, се чувствува како граѓаните се обединуваат околу желбата за промени, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Ранковце.
„Масовно на 24-ти април да излеземе овде во Ранковце и да го поддржиме идниот претседател на Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова. Тоа е многу важно затоа што државата ни е одземена од мала група на луѓе кои што се дел од раководството на ДУИ и неколкумина измеќари од СДСМ кои што цело време за да добијат некое парче коска од наместените тендери, да добијат некое ситно евро во џебот и да ги задржат своите фотелји упорно и упорно шест и половина години измеќарат на овие од Мала Речица“, појасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Македонија ја претворија во еден вид на артаноиден режим. Таква е денеска Македонија поради дел од раководството на ДУИ и неколкумина измеќари од СДСМ.
„Пред шест и половина години овие што сега се Влада ни ветуваа дека ќе донесат слобода, ќе донесат правда, подобар живот, подостоинствен живот, поквалитетен живот за граѓаните, повеќе пари за граѓаните. А, во суштина што направија? Донесоа цикличен артаноиден хибриден режим“, рече тој.
„Кога велам артаноиден тука мислам и на неговиот ментор, а тоа е Али Ахмети од Зајас, кој што денеска ја доби Македонија на тацна од Ковачевски, Зечевиќ и останатите неколкумина политичари во раководството на СДСМ, кои се покажаа и докажаа како главни измеќари“, укажа Мицкоски.
Тој посочи дека никој не очекуваше една државотворна партија СДСМ да се претвори во гранапче на Али Ахмети, на Артан, на ДУИ и да бидат главни измеќари само за да ги задржат своите позиции.
„Тоа е политичкото мочуриште во кое што ние денеска живееме“, истакна Мицкоски.
Мицкоски укажа дека СДСМ и Стево Пендаровски немаат план, немаат програма. Единствено нешто што научиле е само ЕУ, ЕУ.
„А, од ЕУ им остана само еврото кое што го крадат од вас граѓаните преку наместени тендери“, нагласи тој.
„После осми мај Македонија ќе биде повторно слободна и предводена од Влада на ВМРО-ДПМНЕ. А, сите оние кои што и нанесоа зло, неправда, болка, јас ви ветувам дека ќе одговараат“, порача Мицкоски.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ на овие избори се бори за 61 пратеник и за претседател Гордана Силјановска Давкова. Време е граѓаните да живеат достоинствен живот во Македонија каде што ќе има правда, успешен образовен систем, подобар здравствен систем.