Гордана Силјановска Давкова учествуваше на одбележувањето на 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија
Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, на 20 април 2024 година, сабота, со почеток во 11.00 часот, пред Споменикот на децата бегалци во Жена-Парк карши Собранието, се одбележи 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија, на денот на упокоението на Свети Методиј Солунски на 19/6 април 885 година.Присутните ги поздравија претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски, Гордана Димитриеска Кочоска потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Република Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Македонија твоја“.
Гордана Силјановска Давкова истакна: Почитувани…
Искрена почит кон трагедијата која им се случи на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои воопшто не беа виновни за војната и последиците од неа. Тука сум, не како политичарка и кандидатка за Претседател на Македонија, туку како професорка, интелектуалка, докажан борец за човековите права, на сите, но и како мајка и родител, кој може да ја разбере трагедијата на одвојувањето на најмилото чедо од себе. За нас децата претставуваат се – нашиот свет, нашата радост, нашата гордост. Трагедијата на децата бегалци е пострашна затоа што со неа засекогаш нивните семејства беа поделени.
Денес живееме во свет каде сме сведоци на големи миграции предизвикани од политичка, економска, социјална нестабилност. Но, сведоци сме и на страшните бегалски судбини, во кои има многу недолжни деца, предизвикани од суровите војни кои често се водат во интерес на другите. Децата се најчестите жртви на војните, кои, и покрај сите конвенции за нивна заштита, едноставно не носат резултат, освен еден – трагедијата.
Судбината на македонските деца бегалци од Граѓанската војна во Кралството Грција, за жал и денес е тема која е ставена под тепих, не само од политиката, туку и од науката, која многу се бави со бегалските прашања, но трагедијата на децата бегалци некако е запоставена. Затоа ние сме тука за да се потсетиме на нивната судбина и трагедија за која воопшто не беа виновни
Нивната трагична судбина беше зацртана, а за жал се покажа и зацементирана со спогодбата помеѓу Привремената демократска влада на Грција и источноевропските земји (март–април 1948), после која биле евакуирани над 30.000 македонски деца, во Југославија, тука сакам да подвлечам не само на територијата на НР Македонија, потоа во Романија, Чехословачка, Полска, Унгарија и Источна Германија. Но, за жал овој егзодус не застана тука. Еден дел од децата, подоцна освен што дојдоа во Македонија, заминаа и на другите континенти, каде го продолжија својот животен пат, а некои од нив станаа признати членови на општествата во нивниот нов дом или татковина, како на пример светски познатиот историчар Ендрју Росос, кој со својот научен опус го афирмира македонското минато.
Токму затоа не смееме и не треба да ја заборавиме судбината на овие невини деца, кои патем не беа само Македонци, меѓу нив имаше и Грци. Бришењето на меморијата едноставно е невозможно. Можете, иако во нашата современост тоа е страшно и недозволиво, се да забраните, да не се пишува за нив, јавно да не се говори, но меморијата останува, во душите, во срцата на оние на кои им е направена а со тоа и кај нивните наследници. Таа не може да биде избришана. Затоа, длабоко свесна за неправдата која им е направена, а таа прерасна во трагедија, повикувам да не ги заборавиме децата бегалци, нивната трагедија, нивните семејства, без разлика дали се во Македонија, во Европа, на американскиот континент или пак во Австралија. Кон нив имаме и должност и почит, не само затоа што се Македонци, туку затоа што беа мали и недолжни деца, жртви на војната и политиката. Почитувајќи ја нивната судбина и трагедија, ја почитуваме истата судбина и трагедија на недолжните деца ширум светот, жртви на војните, кои најчесто не се нивни.
На крајот, како идна претседателка на Македонија, подавам рака на пријателство и соработка и искажувам надеж дека еден ден заедно со грчките политичари ќе се најдеме на ова место да оддадеме почит на децата, кои беа невини жртви на Граѓанската војна и ја напуштија родната земја, а нивните роднини, многумина од нив родители, браќа и сестри останаа дома и денес живеат во Грција заедно со поколенијата (наследниците). Почитувањето и знаењето на минатото, без разлика какво е и позитивни и негативно, остава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.