Усвоени измените – ВОЗАЧКИТЕ БЕЗ „СЕВЕРНА“ ЌЕ ВАЖАТ ДО 31 ДЕКЕМВРИ!
Со 88 гласа „за“, ниту еден „против“ и без „воздржани“ пратениците попладнево на итната 144. седница ја изгласаа потребата од измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата по скратена постапка, а со кои треба да се пролонгира рокот на важење на возачките дозволи со старото уставно име и по истекот на денешниот ден. Имено, наместо до вечерва на полноќ, возачките дозволи со „Република Македонија“ ќе може да се заменат до 31 декември 2024.
Според измената во Членот 5 на Законот, „Возачките дозволи и возачките книшки, кои го содржат натписот ‘Република Македонија’ издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, најдоцна до 31 декември 2024 година“.
Законските измени се на предлог на пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов, а беа поддржани од сите пратеници присутни во салата.