СКОПЈЕ ВО НАЈЗАГАДЕНИТЕ И НАЈКОРУМПИРАНИ градови во Европа

Истражување на Европската комисија спроведено во 81 европски град го сместува Скопје​​​​​​​ на европското дно според клучните параметри за живот. Скопјани се најразочарани Скопје е на дното на листата според процентот на жители кои се задоволни од животот во својот град во Европа. Под него, меѓу европските главни градови, се само Атина и Тирана, а околу него, со слични околу 75% задоволни жители, се Рим, Белград и Подгорица, покажува истражувањето за 2023 година кое го спровела Европската комисија, пишува ДВ.

Едвај 13% од жителите на Скопје сметаат дека квалитетот на животот во нивниот град во последните 5 години се подобрил. Тоа е најмал процент во целиот регион на Балканот и Југоисточна Европа, и втор најнизок во цела Европа, по Рим. Наспроти нив, над 57% оцениле дека животот во нивниот град последните години се влошил. Исто така највисок процент во Европа, по главниот град на Италија.

Скопјани се меѓу најнезадоволните во Европа од јавниот превоз, здравствените услуги, спортските терени, културните објекти и понуда, зелените површини, училиштата и образовните институции… Во сите тие области, стапките се далеку под европскиот просек.

Задоволството од квалитетот на воздухот на неговите жители, го прави Скопје убедлив европски рекордер- над 87 отсто од анкетираните жители се незадоволни. По него, на дното на листата, се Белград и Букурешт. Слични се бројките и за хигиената. Над 76% од жителите се незадоволни од тоа колку е чисто Скопје. Полоши оценки во Европа имаат само италијанските Палермо и Рим, и францускиот Марсеј.

Скопје е неславен рекордер и во уште една ставка: корупцијата. Имено, над три четвртини или точно 75.9% од анкетираните оцениле дека нивната градска администрација е корумпирана. По Скопје следуваат Белград и Рим со малку пониски стапки. На ниво на цела Европа, просекот на граѓани кои сметаат дека нивната градска администрација е корумпирана е близу 42%.