Проф. Трајковски: Масовно гласајте против оваа ненародна и штеточинска власт, за злото да не се врати никогаш повеќе!

Конечно ја решив дилемата со цената на Те-То „Митилинеос“, вели Дејан Трајковски, споделувајќи дека во договорот помеѓу Владата и „Митилинеос“ стои дека каматите ќе ги плаќа „Митилинеос“, што значи дека централата и тие ќе ја градат на кредит, а не со готови пари.

Професорот од Техничкиот факултет во Битола неколкупати ги сподели деталните анализи околу штетноста на овој договор, а сега потенцира и дека манипулативно е тврдењето дека тие ќе инвестирале 290 милиони евра, туку дека толку ќе изнесува конечната вредност на проектот, со се камати во сметководствените книги, но така не се искажуваат капиталните издатоци (Capital Expenditure – CapEx – https://shorturl.at/mxC15 ), односно вистинската цена на централата.

Во подолната табела се прикажани пресметките, а изведувањето на формулите со помош на финансиска математика можам да го направам пред нашите пратеници, пред да направат непоправлива и долгорочна штета за државата, пишува тој.

Појдовните податоци се следните:

– вредност на проектот, со се каматите: 290 милиони евра
– почетно учество на инвеститорот: 15% од CapEx
– каматна стапка: 7,5%
– Отплата: во 18 подеднакви годишни ануитети, започнувајќи од крајот на третата година од нултата година (почетокот на проектот)
– електрична моќност на централата: 145 MW (e)

Крајните резултати покажуваат дека:

– Капиталните издатоци (CapEx), односно вистинската вредност на централата, без камати изнесува 147,08 милиони евра
– сопственото учество, за подигнување на кредитот: 22,06 мил. евра
– износ на заемот (кредитот): 125,02 мил. евра
– вкупен износ на каматите: 142,92 мил. евра
– цена по единица моќност: 1,01 мил. евра/MW

Така, вели Трајковски, работите доаѓаат на своето место. Цената е речиси иста како од кинеската компанија Шангај Електрик Груп Ко. Лтд., којашто ја градела Те-То „Панчево“ (0,95 мил. евра/MW).

Но најважно од сé е тоа што кредитот ќе го подигнат само со 22,06 милиони евра учество, а Македонија ќе им даде 50 милиони евра неповратна помош!
Второ, централата ќе генерира профит веднаш по изградбата и на тој начин ќе ги отплатува ануитетите, а на крајот ќе им остане на Грците. Со наше учество и со кредит што ние ќе им го враќаме, централата ќе биде нивна, а не наша!
Ќе бидеме принудени целото производство да го купуваме по загарантирана цена, под закана на пенали.
Ова уште покажува и дека Битиќи не разбира дека цената не е 290 милиони поради инфлацијата, туку поради каматите.
Ние пак, ако како држава не сме способни да одделиме 22 милиони евра учество за кредит (наместо за помош на Грците) и самите да инвестираме во градба според принципот „клуч на рака“, со изведувач избран на меѓународен тендер, тогаш не заслужуваме да постоиме како држава. Штетата е голема до небо, нема зборови за утеха, пишува Трајковски.

Професорот на крај порача дека изборите се ближат, затоа масовно гласајте против оваа ненародна и штеточинска власт, за злото да не се врати никогаш повеќе!