Мицкоски: Сите признаваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните парламентарни избори, па дури и Владата
„ВМРО-ДПМНЕ ќе победи убедливо и секако, да ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи во годините коишто следат идната македонска влада“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто дадено за весникот „Коха“.
На прашањето дали можно е да се повтори ситуацијата од пред неколку години кога ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, но повторно не можеше да состави Влада, претседателот Мицкоски рече дека кога политичкиот противник признава дека ќе биде поразен ако се повикуваат на анкетите и ако прават проекција за нешто што ќе се случи после анкетите, односно после изборите, тоа подразбира дека признаваат дека ќе бидат поразени.
„Видете, тоа го слушам во јавноста, провејува како теза и мојот одговор ќе го поделам во два дела. Прво, добро е што сите признаваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните парламентарни избори, па дури и Владата. Кога политичкиот противник признава дека ќе биде поразен, ако се повикуваат на анкетите и ако прават проекција за нешто што ќе се случи после анкетите, односно после изборите, тоа подразбира дека признаваат дека ќе бидат поразени. И сега во услови како да го држат своето партиско ткиво, својата партиска структура, единствен начин им е оваа теза да ја расеменуваат во јавноста, да кажуваат „да, ВМРО ќе победи убедливо, ама нема да формира влада“. И сега тука ќе го надоврзам вториот дел од мојот одговор. Кога ги слушате луѓето коишто се дел од раководството на ДУИ, кога велат дека „без ДУИ не може да има влада во иднина, бидејќи тие ќе победеле во албанскиот блок“, па потоа еден политички маргиналец како Мендух Тачи којшто ќе повикува на војна ако ДУИ и останатите не биле дел од Владата, на едно интервју на една телевизија, тогаш се поставува прашањето како ВМРО-ДПМНЕ замислуваат со 55-58 пратеници да биде надвор од Владата, а ДУИ со 13-15 пратеници морало да биде во Владата? Малку ми е хаотична и би рекол сатирична целата таа ситуација. Но, на крај, мојот одговор е секако дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи убедливо и секако, да ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи во годините коишто следат идната македонска влада“, појасни Мицкоски.
На претседателот на ВМРО-ДПМНЕ му беше поставено прашањето дали ставовите се дека сака да ја види ДУИ во опозиција, но последните анкети што се објавуваат покажуваат дека ДУИ ќе биде победник во албанскиот политички блок. Дали во тој случај, ВМРО нема да коалицира со ДУИ или ќе прави некој исклучок?
Номинално да бројката е таква. Сепак, разликите се огромни кога ќе се споредат победата на ВМРО визави СДСМ и евентуалната победа според ДУИ во однос на албанскиот блок. И сега јас бидејќи разгледувам многу анкети и правиме како политичка партија многу анкети, јавноста го гледа само оној дел кој што е излез од анкетата, односно рејтинзите на политичките партии. Јавноста не може да го види „влезот“ во анкетата. А што е влезот во анкетата? Влезот во анкетата е прашањето за кого гласавте на последните парламентарни избори. Сега, ако го споредите „влезот“ во анкетата и „излезот“, кај ВМРО-ДПМНЕ ќе видите дека има зголемување на тој процент. Условно кажано, на последните избори гласале 18-19%, а „излезот“ е 23-24%. Кај ДУИ „влезот“ е да речеме 8,5-9%, а „излезот“ е 6,5%-7%, што значи дека номинално има намалување. Кога ќе се направи оваа социолошка анализа, доаѓам до заклучок дека ДУИ ќе биде непријатно изненадена од резултатот којшто ќе се случи на парламентарните избори“, заклучи тој.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на прашањето дали мисли дека е можно да се најде партнер кај албанските партии за формирање на Влада со оглед на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ по однос на промената на Уставот, одговори дека ВМРО-ДПМНЕ има широка лепеза на потенцијал за коалиција. Но, вистинското прашање е дали останатите имаат потенцијал за коалицирање со најголемата политичка партија во Македонија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ
Повторно мојот одговор ќе го поделам на два дела. Лага е тезата дека со промена на Уставот, Македонија ќе стане членка на ЕУ. Со промена на Уставот, Македонија ќе отпочне процес кој што никој не гарантира дека успешно ќе заврши. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го бара, еве да речеме и да издегистираме сето тоа кое што треба да се случи, ајде да видиме дали постојат гаранции дека е тоа последното. Второ, ако Бугарите бараат од нас да бидат дел од Преамбулата на Уставот, тогаш зошто тоа го бараат? Дали се човекови права во прашање? Затоа што ако се човекови права во прашање, во Европа постои референтна институција која што се вика Суд за човековите права во Стразбур. И тој Суд за човекови права во Стразбур донел 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија дека човековите права не им се почитуваат и нула за бугарската заедница во Македонија. Ајде да видиме што ќе правиме со тоа. Затоа што не можете вие да барате од нас да направиме уште една отстапка, којашто повторно ќе остави лузна на нашиот идентитет, а од друга страна тоа што треба да го почитувате како држава која што ја ратификувала Конвенцијата за човекови права, не го почитувате“, рече Мицкоски и дополни дека како држава после сите отстапки заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но за жал никој никогаш не водеше сметка што има за овој народ и за овие граѓани, туку секогаш политичарите гледаа што имаат за себе.
„Така што ние како политичари во ВМРО-ДПМНЕ сега размислуваме малку понатаму, ајде да видиме што има за народот и за државата, па дури потоа може да седнеме и да разговараме за се. Ние сме подготвени за се да разговараме после изборите со секого. Кога сме кај коалицискиот капацитет, ќе ве потсетам дека денеска ВМРО-ДПМНЕ е во коалиција, ако пледирате на албански политички партнер, и во општина Гостивар и во општина Тетово. Во општина Гостивар е со АА на Арбен Таравари, во општина Тетово со Билал Касами, односно Движењето БЕСА. Ако пледирате во македонскиот блок, еве ние сме во коалиција во Куманово со претседателот на Движењето „ЗНАМ“, односно градоначалникот Максим Димитриевски. Така што, ВМРО-ДПМНЕ има широка лепеза на потенцијал за коалиција. Но, вистинското прашање е дали останатите имаат потенцијал за коалицирање со најголемата политичка партија во Македонија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ“, појасни Мицкоски и дополни дека желбата и опција на ВМРО-ДПМНЕ за коалиција после изборите е албанската опозиција.
Знам дека можеби ова ќе биде злоупотребено од страна на одредени про-ДУИ мегафони, но да, нашата и моја лична, еве да бидам попрецизен, желба како иден коалиционен партнер да бидат партиите кои се дел од албанската опозиција, додаде Мицкоски.