ПРИЈАВА ЗА ДАНЕЛА АРСОВСКА ОД АНТИКОРУПЦИСКА за назначувањето на директори

Пријави за градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и за повеќе општини беа во фокусот на денешното продолжение на 99. седница на Државната комисија за спречување на корупција на која беа разгледани повеќе предмети кои беа во најголем дел отфрлени или беше одлучено постапката да се запре.

За пријавата за градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во врска со именување на директори, беше одлучено да се достави до надлежно постапување на Инспекциски совет бидејќи, како што посочија, од инспекторатот има две спротивни одлуки.

Помеѓу предметите се запреа постапките против Општина Дебар за неизвршување на решение донесено од Државен управен инспекторат, како и постапката за неправилности за работа во Агенција за филм за која посочија дека веќе постапуваат други органи.

Од ДКСК се изјаснија дека не се надлежни по пријавата со наоди против општина Карпош за противзаконско давање на користење на деловен објект, сопственост на општината, а ја запреа и постапката против градежен инспектор на општина Карпош, за кого, според наводите, постојат сомнежи за непреземање на службени дејствија во врска со незаконска градба.

На денешната седница беше образложена и пријава против директорка на Државен санитарен здравствен инспекторат со наводи дека вработила повеќе блиски лица, за што ДКСК проверила дека била дадена финансиска согласност.

Антикорупциска проверка на законот за возила, односно правилникот за технички преглед на возилата, беше исто така, меѓу пријавите, а ДКСК одлучи таа да се достави до Министерството за внатрешни работи како надлежни за конкретниот закон.

Наводите дека јавна обвинителка купила стан на својата ќерка и тоа не го пријавила во анкетниот лист беа, исто така, дел од денешните пријави за кои ДКСК утврдила дека се неточни, односно, дека купувањето на станот е пријавено, а средствата се стекнати претходно, со заштеди.

Антикорупционерите денеска дискутираа и за извештајот за антикорупциска проверка на предлог Законот за метеорологија, при што беше констатирано дека при вршење на сообразноста не е децидно регулирано во кој случај бирото врши оцена на сообразноста и е потребно да се преземат чекори во насоки на надминување на вака констатирана состојба, со што одлучија случајот да го проследат до Министерство за економија како надлежно за конкретниот закон.