Како се даваат 80.000 ЕВРА ДРЖАВНИ ПАРИ НА ИРЛ, “МЕДИУМ“ КОЈ НЕ Е МЕДИУМ

Невладината организација Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) доби 5 милиони денари од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), за проверка на фактите во предизборниот период кои политичките кандидати ги изнесуваат за време на јавни настапи, гостувања во дебатни емисии, јавни дискусии и дебати, истражувања на јавно мислење, пр-објави или ветувања кои се повторуваат во речиси сите предизборни програми.

Одлучувал советот на АВМУ на предлог на Трајчевски – така било законски

Во одговор на прашањата на Плусинфо до Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата, дали станува збор за државни пари доделени врз основа на јавен повик или во друга транспарентна постапка која би овозможила и други медиуми да бараат донации, АВМУ вели:

„Донацијата којашто Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја додели на ИРЛ е во согласност со членовите 4,6,7, 9, 10 и 11 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности. Постапката за одлучување е уредена со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно одлуката ја донесе Советот на Агенцијата врз основа на предлогот на директорот.

Една од надлежностите на Агенцијата е да ја поттикнува слободата на изразување и да се грижи за заштита на интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. Во современите демократски општества неопходно е практикувањето на истражувачкото новинарство со истовремено почитување на новинарските принципи и стандарди…

Истражувачкото новинарство бара многу труд, време и ресурси и веројатно тоа се главните причини поради кои недостасува во македонскиот медиумски простор. Имајќи го ова предвид, во контекст на поттикнување на професионализмот и поголема застапеност на истражувачките стории, Агенцијата ја додели споменатата донација.

Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности точно го уредува давањето и примањето на донациите и во него не е предвидено објавување јавен повик или конкурс. Примателот на донацијата е обврзан да ги користи средствата исклучиво за намената за која е дадена донацијата, а нивната исплата се реализира откако ќе биде потврден јавниот интерес од страна на Министерството за правда“.

Прв пат интернет медиум добива донација од АВМУ

Одговорот на АВМУ содржи и список на сите донации што агенцијата ги доделила од 2015 до 2023 година (тој дел од одговорот на Агенцијата во целост го објавуваме на крајот на овој напис). Од тој попис јасно се гледаат три работи:

Прво, ова е прва донација од АВМУ за истражувачко новинарство и за проверка на факти;

Второ, ова е прва донација на АВМУ на онлајн медиум;

Трето, останува нејасно како од групата медиуми кои се профилираат и се декларираат како медиуми кои се занимаваат со истражувачко новинарство е избрана токму ИРЛ;

И четврто, издавачот на медиумот за кој станува збор е невладина и непрофитна организација. „Продуктите произведени во рамки на оваа донација ќе бидат додадена вредност на активностите на организацијата кои што ги поддржуваат владите на САД и Кралството Холандија и Јавниот сервис, активностни на коишто се приклучува и АВМУ“, се вели во првичното соопштение на агенцијата.

„На 15 јануари била одржана седница на Советот на АВМУ, на која како четврта точка од дневниот ред бил предлогот за доделување на финансиска помош – донација на ИРЛ и предлог договор за донација. За оваа точка образложение поднел Зоран Трајчевски, претседателот на АВМУ и рекол дека една од основните задачи на АВМУ е да се грижи за развојот на плурализмот во медиумите, а тука спаѓа не само плурализам во сопственоста, туку и плурализам во известувањето. Како еден од важните сегменти е и истражувачкото новинарство кое драматично недостасува во нашето општество“, рекол Трајчевски, пишува порталот МКД.

За оваа одлука на АВМУ да се спроведе се чека на позитивно мислење и на Министерството за правда за постоење јавен интерес. Според некои најнови информации, Министерството за правда ќе чека мислење од Министерството за информатичко општество и администрација.

Асоцијацијата Онлајн медиа: ИРЛ не е медиум за да добие медиумска донација

По одлуката на Советот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) да ѝ додели 5 милиони денари на непрофитната медиумска организација Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ), заради поддршка на „критичните гласови кои известуваат за теми кои се важни за граѓаните и ќе им помогнат да носат информирани одлуки“, како што се прецизира во одлуката, здружението Онлајнмедиа.мк бара системско решение при донирање државни пари за медиумите.

Ова е прва одлука со која АВМУ доделува донација на еден издавач на еден онлајн медиум. Бидејќи за реализацијата на оваа одлука се очекува позитивно мислење од Министерството за правда, Онлајнмедиа.мк укажува на фактот дека онлајн медиумите (интернет порталите) и нивните издавачи немаат регулиран статус во Законот за медиуми, односно во светлината на тој закон тие de jure не постојат. Трансферот на државни пари на ентитети кои Законот на медиуми не ги препознава како медиуми во основа е спорен од аспект на легалноста на таквата одлука.

МАН ги повика сите медиуми да бараат донации од Трајчевски

По информацијата за доделувањето на донацијата на ИРЛ, Македонската асоцијација на новинари (МАН) упати повик до сите медиуми да конкуруираат за донации во АВМУ за „поддршка за критичните медиумски гласови“, како што се вели во првичното соопштение на Афенцијата.

„Македонската асоцијација на новинари (МАН) се придружува на напорите на АВМУ да ги поддржи критичните гласови кои известуваат за теми кои се важни за граѓаните и ќе им помогнат да носат информирани одлуки. МАН ја препознава и потребата на граѓаните, но и обврската на домашните институции да поддржи квалитет и содржина која ќе помогне да создадеме информиран електорат којшто ќе биде подобро запознаен со проблемите во сферата на корупција и владеење на правото во услови кога овие проблеми се недоволно претставени во медиумите.

Затоа, Македонската асоцијација на новинари (МАН) ги повикува сите традиционални, но и интернет медиуми и платформи, во најкус можен рок да поднесат барања до Агенцијата за медиуми да им се донираат средства, по одлуката на Агенцијата за медиуми да додели 5 милиони денари народни пари како донација на ИРЛ (истражувачката репортерска лабараторија).

Жалиме што АВМУ јавно сподели дека за донацијата кон ИРЛ на народни пари (која нема никаков законски медиумски статус) не е поврзана со законите и јавниот интерес за сите претходни донации од АВМУ. Се надеваме дека АВМУ ќе обезбеди континуирана поддршка на критични гласови на различни медиумски организации во оваа и во сите следни буџетски години, со цел подобрување на квалитетот на информациите и дистрибуцијата на квалитетни информации по примерот на европските држави.

До моментот на формирање на Фонд за медиумски плурализам, очекуваме Агенцијатаза медиуми недискриминирачки, неселективно да се однесува кон сите организации, медиуми и/или новинари за целосна институционална поддршка.

Официјален емаил за доставување на барањата нема, бидејќи таква е политиката на АВМУ“, се вели во соопштението на МАН.

Извор: Вечер