Шаќири бара авторите на учебниците да бидат повнимателни за да нема грешки

Грешката во учебникот по математика за шесто одделение, кој покажува дека збирот на аглите во триаголник место 180 изнесува 190 степени, е техничка. Вака денес објасни министерот за образование Јетон Шаќири и рече дека побарал објаснување од авторите и рецензентите на учебникот за тоа како се случила техничката грешка.

„Што се однесува за таа забелешка за предметот математика за шесто одделение, почитуваните автори имаат техничка грешка, без разлика што ако се гледа целосно задачата има и неколку решенија странично од задачата.  Јас официјално побарав забелешки, зашто се работи за универзитетски професори, тие кои се вклучени. Кога тие ќе достават објаснување зошто е направена таа техничка грешка или решение на тие проблематики, веднаш ќе доставиме и до јавноста и исто така до наставниците или просветните работници“, рече министерот Шаќири, одговарајќи на новинарски прашања денес на официјалното затворање на проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на Националната рамка на квалификации“ финансиран од Европската Унија.

Министерот Шаќири се обиде да ги оправда авторите и рецензентите на учебникот. Рече дека технички грешки имало и порано во учебниците, кога тој бил ученик.

„Има една изрека која вели дека и на најдобриот професор-математичар, студент му има најдено грешка во учебникот по математика. Вака како што забележуваме технички, имавме претходно содржински грешки. Мојот повик до сите тие рецензенти, до сите тие универзитетски професори, вие може да ги проверите кои се тие, ќе биде да побарам што повеќе да се внимателни“, рече министерот Шаќири.

На новинарско прашање во врска со проблемот со странските учебници кој трае веќе подолго време, министерот одговори дека во претходниот период се отвори дискусија во однос со начинот на пријавување на странските издавачи, како и за издавачкото право што го имаат, на повикот организиран од Министерството за образование и наука, на кој по измените, односно на вториот повик, пристап имаа сите странски издавачи.

– Побарав и од Завод за ревизија стручно мислење во однос на тоа толкување во Законот за учебници и во другите закони каде што треба да го има толкувањето во однос на странските учебници. Го очекувам одговорот и за наредните чекори сакам внимателно, ако извештајот кажува дека ќе треба да се дефинира, јас ви гарантирам дека после шест години ќе имаме добро дефинирање на законот и очекувам политичките партии тука да не прават проблем и ова да се реши во најбрз можен рок според препораките што ги имаме, рече Шаќири.

 

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.