Милошоски ја кажа вистината за најголемиот загубар: Како се уништи АД Железници?!

Пратеникот Антонијо Милошоски во своето обраќање од собраниската говорница неделава изнесе фрапантни податоци за катастрофалната состојба во АД „Македонски железници“, како и за уништувањето на претпријатието кое е заглавено во милионски долгови.

Од неговиот говор се добива комплетна слика не само за неспособноста на раководителите на ова претпријатие, кое како што вели, го довеле до најголемото дно во последниве неколку години, туку и за невидено расипничко трошење на народните пари.

Милошоски вели дека според последните достапни податоци од март 2023 година АД „Железници“ натрупало долг од  69 милиони евра, и наместо да се бара чаре, власта во ова претпријатие е заинтересирана само за едно – да реди директори, дури осум за пет години и да вработува во администрацијата, наместо таму каде што е неопходно.

„Жал ми е што денеска (15. ноември 2023 година) не е присутен министерот за транспорт и врски господинот Бочварски бидејќи е очигледно дека тој  нема никаква надлежност во Владата, освен да дели визит-картички дека е министер за транспорт и врски. И неговите колеги не го сметаат за министер, а тоа  се гледа по договорот за „Бехтел и Енка“, неизградениот автопатот Кичево-Охрид, а и по неуспехот на железничкиот сообраќај во Република Македонија“, вели Милошоски.

Во изминативе пет години, додаде пратеникот, АД Железници, смени осум директори како кадри на СДСМ, на ДУИ, па на Алтернатива, па на Алијанса кој бил добар угостител во Врапчиште, па го ставија за директор, па се поставија и заменик-директори“, потсети Милошоски.

Во суштината на целата оваа кадровска политика што се тера во АД Железници, од говорот на Милошоски се добива впечаток дека со ова претпријатие раководат некомпетентни луѓе кои немаат никаква стратегија.

Не може да имате добра структура, вели Милошоски ако постојано се менуваат директори. Тој вели дека ваквото поигрување, деградирање на претпријатието е смислено креирање на загубар кој прави огромни долгови, а со една цел, да се искористи тоа при либерализација на железничкиот сообраќај.

„Во изминативе пет години, најголеми вработувања во Ад Железници се во делот на администрацијата, таму каде што има најголема превработеност, наместо да се инвестира во другиот дел, каде што треба да има машиновозачи, стручни лица кои што ќе бидат оперативни и корисни во сообраќајот. Со секое доаѓање на нов директор се пренатрупува администрацијата, се зголемува товарот на расходната страна, претпријтието тоне, со вакво работење прашање на време е кога ќе го имаме следниот штрајк и кога Владата од Буџетот кој го полнат даночните обврзници ќе повлече три, пет милиони евра за плати и расходите кои таа недомаќински ги прави со сменети осум директори“, рече Милошоски.

Тој проговори и за честите прекини во патничкиот сообраќај, иронизирајќи дека ние во Македонија имаме комбиниран патнички сообраќај „се возиш со воз до Градско, па после те преземаат со автобус…“

„Поголема бурлеска од ваквата состојба во која го доведоа СДСМ, ДУИ, Алијанса, досега немало“, вели Милошоски, но, за жал, ова не е само слика за АД „Железници“, туку е и  вистинската слика за состојбата во целата држава.

Но, еве слушнете како пратеникот Антонијо Милошоски пластично ја опиша состојбата во АД „Македонски железници“ споредувајќи ги нејзините услуги со авантурите во прочуениот „Ориент експрес“ опишан во детективските романи на Агата Кристи.

 

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.