Отец Оливер Петровски: Околу 700 000 луѓе имаат само еден оброк во текот на денот, половина се деца
Во моментот има фрапантни 700 000 до 800 000 гладни луѓе во нашата држава, тоа се луѓе кои имаат само еден оброк во текот на денот што е жално и срамно, информира Отец Оливер Петровски во изјава за МИА на одбележувањето на Светскиот ден на гладот – 16 октомври.
Отецот на еден од отворените пунктови во рамки на денешната хуманитарната акција за собирање храна и хигиенски средства наречена „Зедно против гладот“ која се одржува на повеќе локации во Скопје истакна дека половина од вкупниот број на гладни луѓе за жал се деца.
-Институциите најверојатно ќе излезат со бројка од 500 000 што не е точна, според нашите информации и хуманитарни акции на терен, бројката на оние луѓе кои немаат оброк или имаат само еден оброк во текот на денот е некаде околу 700 000, за жал половината од нив се деца, тоа се оние дечиња кои секојдневно ги поминуваме и се трудиме да не ги погледнеме во очи затоа што нели тогаш моежби би се виделе самите ние во нив, значи да не го тргаме погледот да им помогнеме без разлика на вера на нација затоа што детето е дете не знае ни за вера, ни за нација, а за жал знае за глад, порача отецот.
Тој посочи дека кризите, односно зголемените цени на основните продукти влијаело и врз намалување на донациите за гладните.
– Мислам дека секојдневно се зголемува свеста кај луѓето за нефрлањето на храна, но треба уште многу да се работи на тоа. Е сега околу донирањето на храна, тука треба да сфатиме дека живееме во многу тешки времиња кога цените постојано растат така што луѓето колку и да сакаат да донирата се плашат дали ќе имаат потоа и за самите нив. Токму поради тоа мислам дека малце е намалено донирањето во последно време, но се надевам дека ќе успее народот да ја врати онаа финансиска или економска стабилност за да можат да помагаат на сите останати, изјави тој.
Оцени дека државата оваа група на граѓани воопшто не ја интересира.
-Државата треба да се вклучи во креирањето на фнкционален механизам за храната која се фрла да оди кај гладните, која за жал морам да кажам дека воопшто не ја интересира, па и воопшто околу социјалната категорија на граѓани. Мислам дека не ја интересира, еве јас намерно ги тагирав сите политичари на социјалните мрежи, баш ме интересира кој од нив ќе донира храна ако знаеме дека си ја зголемија енормно платата така што би апелирал до политичарите до Владата да се освестат, бидејќи народот ги бира и ако не работат за народот многу брзо можат да бидат сменети, така што или нека почнат да работат за народот како што треба или нека пуштат некој друг, подвлече Отецот.
Според него кризите ќе придонесат за зголемување на гладта и порача дека во овие времиња е најпотребна сплотеноста.
Информира дека денешната хуманитарна акцијата која е во организација на „Свети Спас“ трае само денеска, но не ја исклучи можноста во иднина да има уште една ваква акција.
-Порано во склоп со акцијата „Сите сити“ организирано од Ајде Македонијо се правеше двапати во текот на годината изминатите пет години, ова е вторпат како ние самостојно ја правиме со тоа што сега отворивме 10 пункта, наместо три како што имавме претходно, рече тој.
Во текот на денот пунктови за донирање ќе можат да се најдат пред Супертинекс –првомајска и тоа во периодот од 12 до 20 часот, Веро Џамбо од 12 до 20 часот, Веро во населба Аеродром од 12 до 20 часот, потоа Зур маркет во населба Драчево од 08:30 часот до 20 часот, Стокомак во Драчево во периодот од 14 до 20 часот, кај Стокомак во населба Автокоманда, Веро во населба Тафталиџе, Зур маркет во Ѓорче Петроб од 12 до 20 часот, Дим маркет село Стајковци од 12 до 20 часот, Стокомак во Илинден и Бутел од 12 до 20 часот и Магацинот на организацијата од 10 до 20 часот.