Мицкоски: Зрело е да се седне на лидерска средба за датум за избори, во спротивно постои опасност за уставна криза
Ние за неколку месеци од денеска ќе имаме исклучително два значајни изборни процеси. Едниот се претседателските избори, прв и втор круг, а вториот се парламентарните избори. Мислам дека на неколку месеци пред тие изборни циклуси да нема никаква активност е навистина неодговорно и тоа за првпат можеби се случува на македонската политичка сцена и затоа јас излегов со предлог идеа за лидерска средба. Ги слушнав одговорите од официјалните лица, од Артан Груби и Димитар Ковачевски за тоа што мислат тие за тоа, но еве да бидам попрецизен, кога зборувам за лидерска средба мислам на лидерска средба во формат во кој што ние ќе разговараме за дати за избори бидејќи можеме да влеземе во уставна криза и потоа процесите да бидат уставно предизвикани, а да бидам попрецизен да бидат и неуставни, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на Велес во рамките на кампањата ,,Важно е! Од тебе зависат промените” одговори на новинарско прашање за тоа на каков формат мисли кога бара лидерска средба на тема избори.
Мицкоски исто така додаде дека, бидејќи луѓето од власта често ги спомнуваат институциите една ваква лидерска средба може да биде организирана и од претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Затоа ценам дека на неколку месеци пред избори добро е да се седне на една лидерска средба каде што ќе има претставници од владата, претставници од опозицијата. Еве бидејќи ги спомнуваат институциите ќе им дадам еден предлог. Нека биде организатор Талат Џафери, нека биде тоа и во Парламентот, и таму ќе дојдам да разговараме за можните дати за избори бидејќи во меѓувреме треба и сите ние да сме свесни дека два големи верски празници како што е рамазан и Велигден, а на тие празници им претходат и постови, така што мора да го подготвиме амбиентот за да имаме навистина еден фер изборен процес“, потенцираше Мицккоски и додаде:
„Јас очекувам разум, очекувам одговорност барем еднашка и стојам на располагање и ние како коалиција на ВМРО-ДПМНЕ стоиме на располагање за една таква средба“.