ПОТРОШЕНИ 82.000 ЕВРА: Со чии пари се рекламира „инфлуенсерот“ Ковачевски на социјалните мрежи
82 илјади евра потрошил премиерот Димитар Ковачевски за реклами на социјалните мрежи и не запира, а антикорупционерите се уште не утврдиле кој плаќа за него за скапите кампањи за неговит активности во владата.
Според достапните податоци само во последните три месеци СДСМ потрошила 18 илјади евра за да ги рекламира неговите активности на социјалните мрежи. Но, владата не соработува со ДКСК, и тие не можеле да откријат дали за тоа се трошат државни пари или пари од СДСМ. Наместо одговор од владата им рекле да најдат податоци од Фејсбук и Инстаграм.
Нема објаснување кој ги платил парите за негова промоција и зошто тимот од 36 лица кои се задолжени за неговата комуникациска стратегија и кои земаат плата од државата ги опслужуваат неговите приватни профили каде се споделуваат и партиски содржини.
ДКСК откако не успеале да добијат одговори го затвориле случајот. Спонзорите на Фејсбук и Инстаграм објавите останаа тајна а власта посочила дека маркетингот на премиерот на социјалните мрежи не се плаќал директно од државната каса.
„Тука се гледа нетранспарентноста за социјалните мрежи, наместо да ни кажат кои се спонзорите тие не повикуваат одговорите да ги бараме од Фејсбук и Инстаграм“ – вели Шемши Салаи, член на ДКСК.
Податоци не можеле да најдат ниту преку алатката „Отворени финасии“. Сепак се обиделе уште еднаш да го убедат кабинетот на премиерот да им достави документи за исплатите на Фејсбук и Инстаграм но повторно биле одбиени.
Катица Николовска вели дека парите кои се потрошени за неговите реклами се обезбедени од СДСМ.
Од отворената дата база на Мета на која што се повикува и Владата, може да се види дека за профилот на премиерот Димитар Ковачевски се плаќале реклами од три различни места. На дел од рекламите за кои што се потрошени околу 26 илјади евра стои дека парите се платени од профил со назив „Димитар Ковачевски“. Дел од парите се платени од профилот на СДСМ, а дел од рекламите кои се однесуваат за промоција на македонската храна и вино се платени од Владата, објави ИРЛ.