Пивото, соковите и водата од утре со намалена цена
Ќе се прошири списокот со производи со гарантирана цена, најави премиерот Димитар Ковачевски.
По анализите на Владата, како што рече, било утврдено дека треба да има дополнително намалување на цените. Кај некои производи, намалувањето ќе биде од 10 до 30 проценти. На денешната листа влегуваат и безалкохолните пијалоци, газираната и негазираната вода и пивото.
„Донесовме и нова одлука за намалување на маржата кај овошјето и зеленчукот, со што дополнително ќе се намалат цените во износ од 30 проценти за овие производи. Кон мерката гарантирана цена како општествено одговорни компании самоиницијативно се приклучија производителите на безалкохолни пијалоци и вода и ова е за поздравување“ рече Ковачевски.
Тој додаде дека Владата, на предлог на министерството за економија, донела нова одлука за намалување на цените во трговијата на големо и мало. Со новите намалувања на цените, кое ќе важи од утре, поевтинуваат светлото пиво и лагер пиво, газираните и негазираните пијалоци, со исклучок на енергетските пијалоци, минералната газирана и негазирана природна вода.
„Со оваа одлука највисоките цени на производите се утврдуваат на нивото на цените, со исклучок на цените на акциска продажба, кои се применувале на 19 септември 2023 година во трговијата на големо, се намалуваат за 10 проценти. Трговците на мало се должни јасно да ги обележат производите со натписот гарантирана цена“ нагласи Ковачевски.
Владата денеска донела одлука и за утврдување највисока профитна маржа како посебен услов во трговијата со свежо овошје и свеж зеленчук.