Мицкоски: Новото задолжување од 300 милиони евра е доказ дека Буџетот е во лоша состојба – моменталната дупка изнесува околу 550 милиони евра

Мицкоски: Новото задолжување од 300 милиони евра е доказ дека Буџетот е во лоша состојба – моменталната дупка изнесува околу 550 милиони евра.

„Повеќе пари за тендери кои што ќе завршат во четири очи, ништо повеќе. Очигледно дека Буџетот, бидејќи велат дека е ликвиден, дека има наплата онаква каква што планирале, не е така. Тоа говори и овој податок, кој што и јас го слушнав дека на вчерашната седница на Владата е помината одлука за нови 300 милиони евра, задолжување со нова еврообврзница“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од општина Ѓорче Петров.

Мицкоски рече дека се што ќе се каже од Владата треба да се зема со резерва. Бидејќи или е полувистина, или е шпекулација, или е лага.

„Зошто тогаш се случуваат овие работи, ако е стабилна состојбата? Ако го погледате податокот кој што го објавува министерството за финансии ќе забележите дека моменталната дупка во Буџетот е повеќе од 33 милијарди денари, некаде околу 550 милиони евра“, рече Мицкоски и дополни дека „200 милиони евра се за овие проектите Коридорот 8 и 10, кои што се платени на хартија, а за жал освен таблата, па сега ни таблата не стои. Ја извадиле таблата, само шипките стојат. Друго ништо не видоа граѓаните“.

Тој посочи дека добрата вест е што тоа ќе потрае уште неколку месеци, бидејќи за брзо ќе дојде Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ќе се стави крај на оваа ненародна власт. Потребни се вистински промени, ред, вистинска економија.