Македонија вечерва игра против Италија, ќе донесе ли позитивен резултат најавениот „нов почеток“

Година ипол после чудото во Палермо, Македонија го пречекува вечерва (20.45 часот) европскиот првак Италија во евроквалификацискиот меч од петтото коло во „групата на смртта“, во обид да го поправи впечатокот за јунското фијаско особено после срамот во Англија и да се обиде повторно да ги изненади фаворизираните „аѕури“.

Палермо веќе е далечно минато, епска приказна која ќе се прераскажува, но на „стара слава не се живее“, а пред Македонија е нов предизвик со Италија во многу поинаков моментум, кога националниот тим влезе во сериозно резултатско назадување и екипата е далеку од одличната форма од март 2022 година.

Фудбалерите и селекторот Благоја Милевски најавија „нов почеток“, полни со желба и за надигрување и за добар резултат, па вечерва на нив е да покажат дека јунското фијаско била само една „лоша епизода“ и дека оваа селекција има уште многу што да покаже на зелениот терен. Сепак, желбите се едно, реалноста е сосема друга, па колку може оваа Македонија да се издигне ќе покажат 90-те минути, во кои мотиви секако нема да недостигаат, но на теренот сепак ќе решава квалитетот и пред се дисциплината, концентрацијата и фокусот.

За Македонија Палермо некако беше пресвртницата, „златната генерација“ застана и наместо кон напредок почнавме сериозно да назадуваме од ланското лето, не само тимски и резултатски, туку и индивидуално, личните амбиции не се поклопуваат со високите репрезентативни очекувања, па ако во Палермо најголем дел екипата беше и во натпреварувачка форма и со сериозна клупска минутажа како основа за добар меч, сега Италија ја чекаме едвај со неколкумина кои се стандардни и играат во силни лиги и имаат сериозен ритам (Димитриевски, Барди, Миовски) и најголем дел од екипата без потребен ритам.

Но, без оглед на сите проблеми, Македонија има обврска вечерва да излезе и да одигра до последен атом од силите, да се обиде да го лизне големиот фаворит, а ако некоја од великаните се покажала дека ни лежи е токму Италија. И во единствениот пораз од трите меѓусебни пресметки, „аѕурите“ се мачеа со нас, во период кога сѐ уште не беше создадена „златната генерација“, па Чиро Имобиле, сега новиот капитен на Италија во 91-та минута нѐ расплака со гол за победа на Италија.

Јасно е дека европскиот првак доаѓа полн со мотиви, прво да ни се реваншира, колку и да одбиваат да кажат дека не размислуваат за одмазда, а второ на својот нов селектор Лучано Спалети да му обезбедат победнички почеток на кормилото, како најава за рестарт на италијанската селекција, која после шокот во Палермо исто така тргна да назадува, далеку од врвната форма која осум месеци пред пресметката на Сицилија ги однесе на европскиот трон.

За двете селекции денеска противник ќе биде лошиот терен на Арената, а кој подобро ќе се снајде ќе покажат овие 90 минути, кои за Италијанците и се доста клучни во трката за место на Еуро 2024, додека со безмалку забуден циклус за Македонија, растеретена без преголем императив, ќе проба да му нанесе нов шок на својот омилен ривал.