Koлку ќе ја поддржат новата Влада?

Предлогот за реконструкција на Владата, чиј кабинет се проширува со кадри од Алијанса за Албанците (АА), а се намалува со тие од „Алтернатива“, денеска е на дневен ред на 104. седница на Собранието.

На седницата закажана за попладне во 15 часот ќе се расправа и одлучува за избор на четворица нови министри и петмина заменици министри, по одлуката за влез на АА во владиното мнозинство. Во пресрет на денешната седница, „Алтернатива“ ја соопшти одлуката на Централното претседателство дека ќе делува како опозиција, а претходно во петокот премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на АА Арбен Таравари ги заокружија преговорите за соработка.

Претседателот на „Алтернатива“ Африм Гаши вчера по седницата на Централното собрание најави дека тројцата пратеници од оваа партија ќе дејствуваат како опозиција, нивните функционери ќе се повлечат од функциите, но доколку има уставни измени ќе гласаат „за“.

Гаши, соопштувајќи ја одлуката да излезат од извршната ввласт, рече дека нивните довчерашни партнери ја преминале и последната етичка линија и немале трпение да ја почекаат одлуката на Централното собрание. Нивната забелешка е поради тоа што сметаат дека во јануари 2022 „Алтернатива“ придонела за стабилизација на Владата предводена од СДСМ.

Според Гаши, СДСМ не го спровела во целост својот дел од договорот кога Алтернатива во јануари овозможи стаблизација на Владата.

На крај тие – еднострано, речиси брутално – го раскинaа договорот и решија да го поделат патот со нас, вклучувајќи друга партија во парламентарното мнозинство. Ова говори многу, за жал говори лошо, за нив и не само за нив како партија, како субјект на кој не му е гајле за раскинување на договори и не ги почитува оние кои му го спасија животот, туку ова говори многу лошо и за земјата која цели кон европските вредности. Ако СДСМ оцени дека европските стандарди се кршење на договорите, ова е многу лоша вест за Македонија, рече Гаши.

Со Предлогот за реконструкција на Владата, тројцата министри од Алтернатива, за здравство, за информатичко општество и администрација и за дијаспора треба да бидат разрешени и заменети со кадри од Алијанса за Албанците. Истовремено треба да се констатираат и оставките на министрите за правда Никола Тупанчевски од СДСМ и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини од ДУИ, кои остапуваат по едно министерско место.

Разрешувањето на министрите е прва точка на 104. седница на Собранието, по што следи изборот на новите кадри – Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу  за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, како и на Каја Шукова од СДСМ.

Кренар Лога, кој доаѓа на местото на Тупанчевски, е дипломиран правник и магистер по дипломатија, со работно искуство како извршен директор во Институтот за јавна политика Арбен Џафери, раководител на Сектор за човечки ресурси во Државното правобранителство, заменик директор на Управата за финансиска полиција.

Министерот за здравство Беким Сали од Алтернатива треба да биде заменет со д-р Фатмир Меџити, специјалист невролог во Универзитетската клиника за неврологија, додека позицијата на Адмирим Алити во МИОА се остапува на Азир Алиу, доктор по информатички науки на Природноматематичкиот факултет при УКИМ кој има работно искуство како професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, и во приватниот сектор.

Шукова, која е предложена за министер во животна средина и просторно планирање, е актуелен држевен секретар во овој ресор. Таа е инженер технолог со работно искуство во МЖСПП и во приватниот сектор.

Шукова, која е предложена за министер во животна средина и просторно планирање, е актуелен држевен секретар во овој ресор. Таа е инженер технолог со работно искуство во МЖСПП и во приватниот сектор.

По изборот на министрите треба да се гласа за нови заменици министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство, откако ќе бидат разрешени Башким Хасани од функцијата заменик министер за одбрана, Абдулќушур Абедини од заменик министер за земјоделство и Лулзим Алиу од заменик за образование.

За заменик министер за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во земјоделство, шумарство и водостопанство. Предлогот на Ковачевски за заменик министер за правда е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, која доаѓа на местото на Агим Нухиу од ДУИ, кој пак ќе ја продолжува политичката кариера како заменик министер за обарзование и наука. Ќе се гласа и за предлогот заменик министер за здравство да биде Маја Манолева, која треба да го замени Владимир Рендевски, кому треба да му биде констатирана оставка.

Премиерот Димитар Ковачевски очекува конструктивна дебата во Собранието и усвојување на неговиот предлог од мнозинството во Собранието за Владата да продолжи на остварување на програмата кшто ја има зацртано до редовните избори во 2024 година.