Уште една трагедија во Македонија, едно лице загина во пожар во Струмица
Јагленосаниот труп на еден член од семејството на А.Е. (63) во куќата која целосно изгоре синоќа во Струмица на улицата „Пиринска“ број 26 сведочи за големата трагедија од пожарот кој избувнал синоќа по 20 часот.
Соседите не можат да поверуват дека се случила трагедија и дека во пожарот загинал нивен сосед.
-Беше грозно, страшно. Голем оган избувна. Пламенот се гледаше од далеку, од кај училиштето „Маршал Тито“. Дојдоа пожарникарите и соседите со полевање вода го изгаснаа пожарот. Многу, многу страшно беше, изјави еден сосед.
Според информациите од ТППЕ Струмица, загинатиот во пожарот е член на семејството кое живеело во куќата и засега се непознати причините за трагедијата.
-Пожарот е пријавен во 20:16, а во гаснењето учествуваа три против пожарни возила и 9 пожарникари. Пожарот е ликвидиран за еден час, но за жал во него има загинато едно лице, информираше командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев.
Трагичниот настан го потврдија и од СВР Струмица. Оттаму информираа дека синоќа во 20:54 часот во Полициска станица Струмица било пријавено дека настанал пожар во куќа сопственост на А.Е.(63) на улица „Пиринска“ во Струмица, во која било пронајдено и едно починато лице.
Денеска околу 10 часот почна увидот од страна на јавен обвинител од ОЈО Струмица и инспектор за пожари. Повеќе информации најавуваат за подоцна откако ќе заврши увидот.