Томовски: Собрани се 845 идеи од граѓани и истите ќе бидат преточени во буџетски проекти за реализација за 2023 година, можноста граѓаните да дадат идеи продолжува и следниот викенд
„Во текот на изминатиов викенд градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со нивните стручни тимови беа дел од проектот „Биди дел од промените што носат иднина“, Тие ги отворија вратите на општините за граѓаните, кои во огромен број дојдоа и дадоа придонес за креирање на општинските буџети. Како резултат на исцрпни разговори, со илјадници граѓани ширум Македонија, во сите општини каде градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, собрани се над 800 идеи за проекти, или поточно 845 идеи кои ќе бидат разгледани и добар дел преточени во буџетски проекти, и за истите ќе бидат предвидени средства за нивна реализација“, рече денеска на прес конференцијата Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој напомена дека „од јануари до декември 2023 година, оние проекти кои ќе бидат прифатени и за кои ќе има финансиска сила и можности ќе се реализираат! Следува година на изградба на училишни и културни сали, училишта, градинки, улици, водоводни и канализациски системи, паркови и обнова на веќе постоечки инфраструктурни објекти“.
„Оваа акција ја спроведовме за заедно со граѓаните, да го трасираме патот за развој на секое населено место. Само граѓаните кои живеат во населените места ширум државата знаат што е најпотребно за нивната непосредна околина. Затоа нема повеќе луѓе во кабинети да одлучуваат како ќе се трошат нивните пари, туку тие самите“, рече Томовски.