Пендаровски: Во кризни ситуации е видливо колку ни се потребни меѓусебната почит и разбирање
Во кризни ситуации е највидливо колку сме мали и немоќни и колку, и како поединци и како заедница, ни се потребни меѓусебната почит и разбирање, порача претседателот Стево Пендаровски, на свечениот предновогодишен прием на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи насловен „Вера посилна од секоја криза“.
Во вакви тешки времиња, нагласи Пендаровски, на луѓето најмногу им треба утеха, солидарност, верба и надеж, а верските храмови се честопати местата каде црпиме смисла за тоа.
– Таму се мотивираме да продолжиме понатаму и по најстрмните животни патеки. И во лошо и во арно, верата е чест придружник на многумина од нас, изјави Пендаровски.
Тоа што на едно место денеска се собрани верски поглавари и највисоките државни претставници, според Пендаровски, испраќа порака дека сме обединети околу истите цели: мир, здравје, радост и подобар живот за сите граѓани.
– Во годината која изминува, за жал се соочивме со нови искушенија и со длабока светска енергетска и економска криза, која има разорни ефекти врз нашата и онака кревка економија. Иако пиковите на пандемијата на Ковид-19 се зад нас и светот малку здивна, се случи енергетска и економска криза, како резултат на руската агресија врз Украина. Сето ова негативно влијае врз нашите животи, психа, амбиции и планови, а истовремено ја зголемува сиромаштијата врз најранливите категории, изјави Пендаровски.
Како што кажува и насловот „Вера посилна од секоја криза“, Пендаровски нагласи дека, ниту едно премрежие, опасност, тешкотија, криза од каков било интензитет и карактер не можат да го уништат верувањето како фундамент на човековото постоење.
– Дека не е се така црно околу нас потврдуваат и вашите активности во верската сфера во 2022 кога сведочевме дека верските заедници и религиозните групи и одделно и заедно во групите работеа посветено за реализација на своите мисии. Тоа е охрабрувачка порака која отвора нови перспективи и дава надеж за подобра иднина затоа што само за заеднички сили и солидарни можеме полесно да минеме низ времињата на кризи и да имаме достоинствен и исполнет живот, изјави Пендаровски.
Во рамки на настанот годинава за прва пат ќе биде доделено и ново востановеното признание „Вељо Манчевски“ за особен придонес во верската сфера на правни и физички лица кои со својот долгогодишен труд оставиле значајни траги.