Ковачки: Новиот директор на АНБ не е нов, тој е една од причините заради која Онишченко добива државјанство
Продолжува партизацијата, неспособноста и аматеризмот во АНБ, вели Ковачки на социјалните мрежи.
Изборот на Зарко Милошевски за директор на АНБ значи дека ништо не се менува, туку како што кажува и Али Ахмети, ќе биде “како и до сега”.
Милошевски не е нов човек. Тој му бил помошник и е кадар на Виктор Димовски и Миле Зечевиќ, а со тоа и на српската врска.
Досега ја извршувал функцијата помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО во АНБ, а на таа позиција е поставен со потпис на досегашниот контроверзен директор – Виктор Димовски.
Зарко Милошевски како Помошник директор за безбедносни проверки директно учествувал во случајот Онишченко. Тој е една од причините поради која Онишченко добива македонско државјанство, но очигледно дека тоа не значи ништо за тие што го поставиле.
Милошевски е Помошник директор во АНБ и кога над 200 криминалци од регионот и светот добиваат македонски патни исправи.
Милошевски е резултат и дел од целата неспособност на СДС во безбедносниот сектор во изминативе 7 години.
Учествувал на највисоко ниво во безбедносните настани и пропусти во изминативе 7 години.
Токму Виктор Димовски и Зарко Милошевски се најодговорни за негирањето на правото за пристап до класифицирани информации на лица кои се неподобни за СДС и ДУИ и во тој оддел под нивно раководство се креираат и фабрикуваат лажни вести кои се испраќаат во НАТО.
Тој не е кадар кој може да донесе промени. Напротив се ќе биде “како до сега”, а СДС со вакви партиски решенија продолжува да ја срами Македонија, пишува на социјалните мрежи Драган Ковачки.