Мицкоски ја прифаќа лидерската средба: ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна партија, имаме ставови и сме подготвени да ги браниме
Драги пријатели, овие денови е актуелно прашањето за лидерска средба. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе отиде и што ќе прави. Прво да кажам дека намерите на власта за лидерска средба се јасни. Тие очекуваат јас да одбијам присуство на таква средба затоа што ќе се разговарало за уставни измени и европски интеграции. Веднаш по ваквиот чин ќе следи напад дека ВМРО-ДПМНЕ било антиевропско и дека ВМРО-ДПМНЕ е изолирано затоа што сите партии со албански предзнак ќе присуствуваат на средбата, изјави денеска Христијан Мицкоски во неговото воведно обраќање на „Саем на промени што иднина носат“.
– А доколку има мали шанси ВМРО-ДПМНЕ да присуствува, тогаш оние платени мегафони на власта веднаш ќе раскажат „аха значи Мицкоски е подготвен на уставни измени“. И знам дека изгледа детски, но тоа е нештото што Ковачевски го нарекува план, а што и друго да се очекува. Бидејќи ова им се дилемите, да им ги расчистам, рече Мицкоски.
Тој смета дека правењето театар за јавноста во еден таков гломазен состав, што го нарекуваат лидерска средба, нема да ги донесе решенијата на проблемите кои се аларамантно потребни кај народот.
– Народот од нас очекува да зборуваме за инфлацијата, за енергетската криза, за зголемената сиромаштија, за затворените рудници и фабрики, за нискиот стандард. Ова се темите за кои мора алармантно да се бараат решенија, а не за уставни измени или една генерална тема без никакви појаснувања – интеграции. Поскапувањата, енергетиката и сиромаштијата се дијагнозата на колективната болест која го мачи општеството, чиј единствен лек се предвремени парламентарни избори.
ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна партија и да, еве објавувам, дека ќе присуствувам на таквата средба затоа што имаме ставови и сме подготвени да ги браниме. Ќе дојдам на лидерската средба, ќе кажам јасно и гласно, не преку соопштенија или штури брифинзи преку какви владата ја најавува оваа средба, дека најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез, знаеме и тука ние и целата јавност, се изборите. А што се однесува за уставните измени, тоа прашање е затворена тема затоа што уставни измени нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија, информираше Мицкоски.
Тој порача дека народот добро проценува и сака да престанат сите шпекулации дека имало каков било премолчен договор или заткулисна игра за промена на уставот.
– Најдобар доказ дека власта нема мнозинство за промена на уставот е оваа лидерска средба која на површина ги изнесува лагите на Ковачевски и неговата влада околу оваа тема. Не би имало лидерска ако тие имаа мнозинство. Јас како човек ниту уцени прифаќам, ниту пак зад завесата договорам. Ги следам принципите и договорите кои ми се единствено важни, а тоа е народот на Македонија и неговите интереси. Истово ова што го кажувам пред вас ќе го кажам и таму и насекаде каде се одлучува за иднината на Македонија. Нема да дозволам распарчувања на Македонија, поигрување со нејзините свети работи или пак премолчување на штетата која ѝ прават на државата, Ова го кажувам да се знае, и тие да го знаат во моментите кога народот ќе им даде црвен картон. Затоа што по секое злодело врз народот следува одговорност во име на народот, додаде Мицкоски.