Од просечната плата сите изгубиле по 4.350 денари: Инфлацијата скокна на високи 14,5 отсто, а синдикалната минимална кошничка во јуни зголемена за 3.400 денари во однос на јануари
Државниот завод за статистика објави дека инфлацијата во јуни изнесува 14,5 отсто. Индексот на трошоците на животот во јуни 2022 година, во однос на јуни 2021 година, бележи зголемување од 14.5 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 13.7 %.
Ако се направи пресметката во однос на просечната плата од 30.000 денари, математиките покажуваат дека од лани до сега, секој што земал просечна плата е посиромашен за некаде околу 4.350 денари.
Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јуни изнесуваат 39.710 денари и во однос на јануари се зголемени за 3.399 денари или за 9,49 проценти.
Од Сојузот на синдикати на Македонија, каде на месечно ниво ја прават синдикалната потрошувачка кошничка, информираат дека за една година синдикалната кошничка е зголемена за 5.498 денари или за 16 проценти.
„Порастот на цените и растот на инфлацијата која од месец за месец е се поголема за месец јуни изнесува 14,5 проценти и влијае врз намалувањето на куповната моќ на работниците и доведува до осиромашување на целокупното население“, оценуваат од ССМ.
Според анализата на ССМ, зголемувањето на минималната синдикална кошничка расте поради порастот на цените. Најголемо зголемување во јуни има кај храната и пијалоците.
„ССМ бара оваа пресметка на синдикалната минимална кошница, како и зголемувањето на трошоците за живот да бидат причина веднаш да се пристапи кон склучување на Општиот колективен договор за јавен сектор со зголемување на платите на работниците согласно порастот на минималната плата и истите да се зголемат платите за најмалку 2806,00 денари во нето на секој работник во јавен сектор“, велат од ССМ.