Клековски: Владејачкото мнозинство е толку очајно да е спремно да направи и непринципиелен договор со Бугарија само за во јуни да може да го демонстрира како некаков успех
Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Клековски, вчера беше гостин во тема на денот во дневникот на телевизија Сител.
Клековски во однос на реакциите на СДСМ за најновите анкети на ИПИС кои покажуваат убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ и големата доверба кај претседателот Христијан Мицкоски, рече дека во Македонија е пракса да не ѝ се допаѓаат резултатите од анкетите на партијата која има помала доверба кај граѓаните и да ја дискретираат.
– И во соопштението, тоа е класична дискредитација воопшто неспомнувајќи кој е институтот позади анкетата, туку веднаш со спинување дека тоа е нарачка на ВМРО-ДПМНЕ и сл. Она што можам да го кажам е дека ИПИС за овие 10-15 години за кои јас им ги следам анкетите, досега немало промашување. Анкетите се најспоредливи пред избори, тогаш се гради рејтингот и кредибилитетот на сите анкетни куќи, јас верувам во кредибилитетот на ИПИС и верувам во точноста на бројките и во моето искуство со анкетите се случувало да бидеме напаѓани врз основа на тоа дали некому му се допаѓаат или не му се допаѓаат резултатите. Она што повеќе плаши во оваа ситуација е дека и со промената на ПР-от на СДСМ, тој е ист како претходно и повторно се враќаат заплашувања дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ќе го врати Груевски на власт, мислам не може пет години да владеете и единствена порака што ќе ја испратите е дека ова е враќање на Груевски – рече Клековски.
Клековски понатаму се осврна на коментарот на Ковачевски кој порача дека барањето на Мицкоски лидерска средба за организирање предвремени избори е уцена и ја одби понудата и рече дека токму Ковачевски ветил дека ќе има средба со Мицкоски. Кога не сакате да имате средба, вели Клековски, тогаш не ви одговара локацијата, агендата и порача дека средба мора да има бидејќи легитимитетот на оваа влада е нарушен.
– Легитимно е владејачкото мнозинство да распише избори кога смета дека е најповолно за него, како што е легитимно ВМРО-ДПМНЕ да бара избори сега кога смета дека е најповолниот момент. Она што не е во ред е тоа дека СДСМ и ДУИ се служат со нелегитмни методи за да останат на власт. На пример, го повлекоа законот за финансирање на јавните претпријатија што го спремаа додека нивните градоначалници беа на власт бидејќи голем дел од општинските јавни претпријатија се гушат во долгови – го повлекоа законот затоа што сега им одговара локалната самоуправа да се загуши. Мене ме плаши дека ова владејачко мнозинство е толку очајно да е спремно да направи и непринципиелен договор со Бугарија само за во јуни да може да го демонстрира како некаков успех. Повеќето македонски граѓани се свесни дека нашата европска интеграција ќе трае со години, дека датумот освен симболика нема големо значење во тој процес и дека земајќи ги предвид ставовите на Бугарија, договор во овој момент е возможен само ако тој биде толку лош за Македонија – рече Клековски.