Се уништува културното наследство, има ли план Владата да го заштити?
Во врска со зачестените незаконски дејствија врз културното наследство во последниoв период, како што е веќе по вторпат кражбата на оловните плочи од манастирот во Матејче или сличната кражба на оловни плочи од безистенот во Штип, ВМРО-ДПМНЕ искажува голема загриженост во врска со наведените криминални дејствија врз недвижното културно наследство.
Во оваа прилика упатуваме прашање до министерството за култура, односно до Управата за заштита на културното наследство, како и до Владата на Република Македонија, дали воопшто е донесен Националниот акционен план за превенција на криминалитетот против културното наследство, кој се донесува по предлог на Управата за заштита на културното наследство по член 103 од Законот за заштита на културното наследство.
Ова прашање го упатуваме со крајна сериозност, бидејќи дел од Акциониот план содржи исклучително важни мерки за превенцијана криминалитетот против културното наследство, и тоа:
1) Оцена за постојните ризици од незаконски дејствија и состојбата со криминалитетот против културното наследство;
2) Приоритети на политиката за безбедносна заштита на културното наследство;
3) Општи и посебни мерки на превенција на криминалитетот против културното наследство;
4) Субјекти одговорни за спроведување на Акциониот план.
Нагласуваме дека Управата за заштита на културното наследство истата и координира со реализација на Акциониот план.
Понатаму, укажуваме дека државата, во лицето на јавните установи за заштита, како и самте имателите на заштитените добра, во однос на недозволените ископувања, НАМЕРНОТО ОШТЕТУВАЊЕ И УНИШТУВАЊЕ, кражби, присвојување, прикривање, недозволена трговија, криумчарење и други незаконски дејствија против културното наследство има обврска да донесе и тоа:
1) Превентивни мерки со кои ќе се намалат можностите за појава на ризик од незаконски дејствија;
2) Мерки на противдејство со кои ќе се намалат загубите или штетните последици од незаконските дејствија ако ризикот се оствари, сето ова е по член 102 од Законот за заштита на културното наследство.
ВМРО-ДПМНЕ овие законски облигации ги нагласува бидејќи во рацете на Управата за заштита на културното наследство е исклучително важната улога за безбедноста на културното наследство, бидејќи:
1) Ја следи состојбата со безбедносната заштита на културното наследство;
2) Врши безбедносна процена на ризиците од незаконски дејствија против културното наследство;
3) Определува итни мерки на безбедносна заштита на културното наследство во опасност и ПОСЕБНИ МЕРКИ ЗА БЕЗБЕДНОСНА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ОД ОСОБЕНО ЗНАЧЕЊЕ;
4) Издава стручни упатства за спроведување на безбедносната заштита на културното наследство;
5) Предлага преземање мерки на безбедносна заштита на културното наследство.
Односно Двата законски предвидени плана за безбедност на културното наследство и тоа:
1) Планот за превентивна заштита на културното наследство од незаконски дејствија;
2) Планот за итна акција во случај на незаконски дејствија во надлежност на јавните установи за заштита во вакви ризични ситуации не треба да останат мртво слово на хартија, а овластените службени лица за безбедност на културното наследство во Управата за заштита на културното наследство да извршат проверка на ефикасноста на мерките за безбедносна заштита и да проценат дали е соодветен степенот на постојниот ризик и да утврдат дали ризикот е прифатлив.
Исто така, нагласуваме дека при загрозена безбедност на културното наследство, овластените службени лица за безбедност на културното наследство, кои според членот 105 од Законот за заштита на културното наследство треба да поседуваат безбедносен сертификат за пристап и користење на класифицирани информации, треба да соработува со криминалистичката полиција, царинските органи, јавните обвинителства.
Во таа насока, ВМРО-ДПМНЕ јавно го поставува прашањето дали надлежниот овластен раководител на Одделението за превенција на културното наследство при Управата за заштита на културното наследство, ги поседува соодветните легитимациски документи за извршување на оваа дејност?
Сето ова ВМРО-ДПМНЕ го истакнува заради големата загриженост за вандалското однесување кон културното наследство кое истовремено претставува и идентитетски и силен културолошки белег на Република Македонија.