Ковачевски да побара писмени гаранции кои ќе гарантираат дека Македонија нема да има апсурдни пречки кон ЕУ и нема да се задира во македонската историја, јазик и идентитет
Димитар Ковачевски пропушти да изгради национално единство по Декларацијата за ликот и делото на Гоце Делчев по повод јубилејот 150 години од неговото раѓање. Патем не кажа што е спорно во текстот на декларацијата, туку само ја одби, што говори дека Ковачевски полесно му е да договара со Бугарија, отколку да гради единство дома во Македонија, со македонските политички чинители, македонската јавност и македонскиот народ.
Дополнително ВМРО-ДПМНЕ конструктивно му предлага на Ковачевски тој барем еднаш да заземе сериозни позиции и за промена да побара писмени гаранции од Бугарија и Брисел. Овие гаранции ќе потврдат дека нема да има ирационални и апсурдни пречки на евроинтегративниот пат на Македонија кои се целосно спротивни на европските вредности и во никој случај нема да има национално осакатување преку било какво задирање во идентитетот, историјата и македонскиот јазик.
Народот во Македонија заслужил европска иднина без условувања и дополнителни толкувања. Не може во никој случај да му се оспори револуционерната борба за слобода, антифашистичката и народно ослободителна борба која конечно се круниса со македонска државност.