КОНГРЕСНА 2021 ГОДИНА

Игор Доневски

Двете најголеми македонски политички партии започнаа со подготовките за редовните изборни конгреси кои ги очекуваат следната година. Едните влегуваат како победници на последните претседателски и парламентарни избори, претставувајќи ја реалноста во розево во која тече мед и млеко, додека другите влегуваат како “морални победници” со протести по градските улици. Заедничко за нив е тоа што прават одредени демократски измени и дополнувања на статутите кои меѓу другото ја утврдуваат постапката и составот на органите кои ќе одлучуваат за доверба на сегашните лидери за следен мандат.

            Во очи на догодишниот изборен конгрес, СДСМ направи промени на статутот на т.н. “дигитален конгрес” на 25 октомври, врз основа на кои – “СДСМ ќе спроведе директен избор на претседател на партија, каде членовите лично ќе гласаат на слободни непосредни, фер и демократски внатрепартиски избори”. По последните две изборни победи, Зоран Заев е релативно комотен и прави позитивен исчекор кон демократизација на процесите во партијата, па својот рејтинг го проверува во јадрото – мегу членовите на партијата. Веројатно е дека Заев, кој во два наврати, еднаш со пораз и еднаш со победа, формираше влади и го номинираше сегашниот претседател на Македонија, следната година ќе верификува нов четиригодишен мандат и во налет ќе атакува на подоцнежните локални избори.

            Од другата страна, ВМРО-ДПМНЕ донесе нов статут и на оваа тема има промени кои се “во најава”, односно одредбите кои се однесуваат на внатрепартиски избор ќе влезат во сила на 01.01.2022 година, а дотогаш претседателот и Извршниот комитет ќе го вршат односниот избор. Имено, промените се однесуваат на избор само на локално ниво – наместо на оглас, како досега, Собранието на Општинскиот комитет, како новитет, ќе предлага тројца кандидати за претседател на Општинскиот комитет, за кој пак по пат на интервју ќе одлучува претседателот на партијата. Севкупната надлежност и организација на работењето на овој орган треба да биде уреден со посебен правилник кој во догледно време ќе се донесе.

            Во превод, Христијан Мицкоски и Извршниот комитет еднострано ќе ги избираат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за претседатели на ОК, чии мандати веќе ги потврдува на седниците на ЦК, како и идните кандидати за градоначалници и советници на следните локални избори. За прв пат Собранието на ОК ќе ја добие можноста да ги предлага кандидатите за избор дури пред локалните избори во 2025 година. До тогаш, Мицкоски или ќе биде премиер или ќе биде минато.

            Сродни измени и дополнувања се и одредбите кои се однесуваат на составот на Конгресот и Централниот комитет, како и поднесување иницијатива и изгласување на вонреден конгрес на партијата.

            Повторно во превод, партиските функционери на секое ниво – од месните, општинските и централниот па се до извршниот комитет, се избор на претседателот на партијата и токму тие влегуваат во составот на Конгресот кој всушност го избира претседателот. Затоа и неретко беа нарекувани “султан партии”. Инаку, доколку Мицкоски победеше на последните парламентарни избори, повеќе од веројатно ќе беше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе организираше дигитален конгрес, а Заев ќе матеше со статутот на СДСМ.

            За два месеца нивните патишта ќе се вкрстат на вонредните локални избори во две општини, од кои Штип е местото на политичката пресметка. Резултатот во оваа општина на парламентарните избори минатото лето беше тесна победа за ВМРО-ДПМНЕ. Гледајќи на краток и среден рок, има едно прашање и повеќе прашални сценарија кои на крајот ќе бидат дел од разврската во декември, а имаат директно влијание на партиските конгреси:

1.  Дали Заев и Мицкоски се посакуваат како опоненти?

            Би требало Мицкоски да го посакува Заев за политички противник – целата негова реторика се однесува на атрибути и едно фамилијарно презиме. Соопштенијата, пресовите, излагањата на протестите се врзани за само еден човек и неговата дејност, па ако не е тој…може да дојде некој што знае како треба… а Заев е Заев…ама, ништо.

            Би требало Заев да го посакува Мицкоски – да не беше Мицкоски веројатно Заев веке ќе одржеше “опроштаен конгрес”. Вака тој “влезе во серија” победи на претседателски, парламентарни и нови локални во најава, како предигра за следите парламентарни…па ако не е тој… може да дојде некој што ќе го стабилизира ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе оди во опозиција.

            Во секој случај, едниот си го чува другиот и го има она што го прави задоволен и исполнет – едниот премиер кој прави отстапки и мисли дека е визионер, другиот пак е првиот човек во партијата, чувствувајќи се комотен во опозиција. Разликата е што првиот ќе ги праша членовите…

2.  Дали СДСМ ќе му попушти на Мицкоски да победи во Штип?

            За да може да го има Мицкоски како вечен опонент со кој веќе има позитивен скор, а тој привремено ќе ги смири брановите од негодувања на членството во ВМРО-ДПМНЕ, Заев би можел да го пушти Мицкоски да го освои Штип. Тоа значи вмровски градоначалник, мнозинска советничка група, неколку директори во општинските јавни претпријатија и општински училишта…меѓутоа, иако за цел би имал задржување на посакувана конкурентска постава на следните локални и парламентарни избори, Заев би можел да го пренесе губитничкиот вирус во својот тим, а истовремено да го залечи противничкиот. Ако го задржува Мицкоски во живот со жртвување на Штип, опасноста по СДСМ е да се качи на лудата железница на која сега “лета” ВМРО-ДПМНЕ.

3.  Дали СДСМ ќе даде се од себе да победи убедливо во Штип?

            Доколку СДСМ победи на локалните избори тоа ќе значи дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски е далеку од консолидирање, тоест трендот на “паѓање на пониски гранки” продолжува. Во такви околности претседателот Мицкоски ќе нема кому да ја префрли вината и ќе има проблем да најде аргументи за оправдување за пораз во општина каде на 15 јули имаше минимална предност. Губењето на Штип би било лакмус тест за тоа што би се случувало на претстојните локални избори во 2021 година.

            Заев би си го изгубил Мицкоски, но ќе ја бетонира својата неприкосновена позиција пред изборниот конгрес. Лошата вест би му била дека посакуваниот опонент ќе биде заменет со некој кој можеби повеќе може и знае…а веројатно ќе знае, а многу веројатно дека во таков случај  на следните парламентарни ке има “рокада”.

4. Дали е можно ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира вонредните локални избори?

            Доколку ВМРО-ДПМНЕ не се појави на вонредните локални избори во Штип тоа би значело однапред признавање на пораз. Со таков евентуален потег би се “признало” дека во моментов не се верува дека било кој партиски кандидат би можел да донесе победа. Затоа, оваа опција е најмалку остварлива бидејќи во партијата има и млади, има и искусни кадри, а ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија на која секогаш и е предизвик да излезе на мегдан, дури и во политички услови кои “не се баш за фалење”.

5.  Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе има свој партиски или би се подржал “независен” кандидат?

            Имајќи предвид како стојат работите во партијата, можно е ВМРО-ДПМНЕ да подржи независен кандидат. Веројатно ќе се привлекуваат гласачи со квалитетен лик а кои истовремено не можат да заокружат црвено знакче, додека лојалните секако ќе го почитуваат изборот на партијата. Доколку независниот кандидат изгуби, веројатно фантазерски има можност раководството политички да преживее до следните избори, вадејќи се на веќе проверени флоскули, а ќе има и кој да се посочи за виновник.

            Доколку ВМРО-ДПМНЕ излезе со партиски кандидат и изгуби – дефинитивно ќе треба да има предвремен конгрес, бидејќи Мицкоски остана единствениот кој досега не понел одговорност за изборни порази и би било потребно да ја “ресетира довербата” за да може да продолжи понатаму.

Пишува за ZBOR.COM.MK Игор Доневски

Постави одговор

Your email address will not be published.