Во досегашните речиси тридневни воени дејствија меѓу ерменските и азербејџанските сили околу спорниот регион Нагорно-Карабах, убиени се речиси сто лица, меѓу кои и цивили.
Нагорно-Карабах е отцепена област која се наоѓа во рамките на Азербејџан, но е управувана од етнички Ерменци и е поддржана од матичната држава Ерменија. Со војната од 90-тите години на минатиот век оваа област се одвои од Азербејџан, но не е меѓународно призната.
Локалното раководство соопшти дека досега во борбите, што почнаа во неделата утрината, се убиени 84 нејзини војници, но дека има и цивилни жртви.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, од друга страна, изјави дека во неделните ерменски гранатирања биле убиени 10 цивили. Засега нема официјални информации за жртвите меѓу азербејџанските воени сили.
Ерменското Министерство за одбрана денеска соопшти дека бил запален цивилен автобус во ерменскиот град Варденис, на самата граница со Азербејџан, и далеку од Нагорно Карабах, откако бил погоден од азербејџанско беспилотно летало, но, се чини, дека нема повредени во инцидентот.
Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека ерменската армија од Варденис го гранатирала азербејџанскиот регион Дашкесан. Ерменија ги негира овие наводи.