Партиските и личните желби на пратеници го држат во заложништво целото Собрание

Повеќе од 25 дена трае тивката војна меѓу владините коалициони партнери за контрола на собраниските комисии преку кои најмногу може да се влијае на агендата на Парламентот.

Како никогаш предходно, од конституирањето на четврти август до почетокот на септември или цели 27 денови, траат преговорите и трговијата меѓу коалиционите партнери, СДСМ, ДУИ и БЕСА за пратениците што ќе ја водат комисијата за Европски прашања.

Иако имаше неофицијални најави и вчера и денеска се одложи свикувањето на Комисијата за избор и именувања преку која треба да поминат одлуките за формирање за другите комисии, затоа што има сериозни несогласувања околу тоа кој од владеачките партии да ја води комисијата за европски прашања.

Во минатиот мандат оваа комисија често беше предмет на злоупотреба на протнување на разни закони со европско знаменце, а се со цел да се скрати времето за расправа пред пратениците.

Идејата на сите три партии и сега е со ставање знак за таканаречено „европско знаменце“ да се влијае на носењето на законите преку преку оваа комисија која може да ја забрза процедурата за носење на законски решенија и да елиминира регуларна и демократска пратеничка дебата за законите.

Според партиски извори сега желба да ја водат Комисијата за европски прашања имаат ДУИ (за пратеникот Арбер Адеми), СДСМ (пратеникот Мухамед Зеќири) и БЕСА (Кастриот Реџепи) и засега ниедна од партиите не сака да попушти за да се постигне договор за формирање на комисиите во Собранието.

На најмалку еден од пратениците аспиранти нивните матични партии предходно им ветувале челна функција во оваа комисија ако предходно за возврат гласаат за други кадровски решенија кои не им биле по желба поради што кај некои од нив сега постои инает и не сакаат да се повлечат од трката за ветената позиција со што Собранието останува блокирано.

Комисијата за „Европски прашања“ е важна и за личните кариери на дел од аспирантите затоа што во голем број други земји претседателите на оваа комисија по оваа функција стануваат амбасадори, високи функционери во дипломатијата па дури и министри за евроинтеграции или надворешни работи доколку нивните партии останат на власт.

И покрај досегашните неколку координации далеку од јавноста трите партии не можат да ја завршат трговијата и го оставаат Собранието без телата кои во сите предходни состави на собранието беа формирани за неколку дена од конституирањето по што законодавниот дом беше целосно функционален.

Без функционални комисии Собранието е како рака без прсти, бидејќи ниту еден владин предлог закон не може да стигне на гласање пред пратениците доколку претходно не биде разгледан на матичната комисија во Собранието.

Практично поради партиските и личните апетити на пратеници Собранието загуби речиси еден цел месец за забрзување на регормите и подготовка на закони кои се неопходни во пресрет на почетокот на преговори со ЕУ.

ИЗВОР: ЕКСПРЕС.МК