Заев ќе го решава Гоце Делчев како името што го реши во Нивици

Решение за прашањето за Гоце Делчев по примерот на откажувањето од името Република Македонија е на повидок, откако премиерот Зоран Заев најави дека е убеден во решение во кое ќе биде задоволна и Република Бугарија.

– Убеден сум дека постои добра шанса, секое отворено прашање, па и во однос на Гоце Делчев да најдеме решиме на начин на кој и двете страни ќе бидат задоволни. Низ отворен процес на соработка покажавме дека можеме да ги надминеме спорните прашања од минатото и да се сплотиме околу она што е заедничко за иднината на двете држави, а тоа е засилена соработка, партнерство и заемна доверба. Делчев не може да не двои, Делчев дејствувал за напредни идеи кои поврзуваат, рече премиерот во неговото вчерашно интервју за порталот Локално.

Доколку се види примерот како претходно се решија спорните прашања, може да бидеме сигурни дека премиерот Заев ќе ги прифати бугарските барања за најголемиот македонски херој, Гоце Делчев.

Тука не треба да имаме дилема, бидејќи тој што прв се откажува од црвените линии, значи дека прв попуштил во спорот и дека понатаму единствено што следи се преговори за конечното решение кое ќе го наметне другата страна.

Повторно го гледаме истото сценарио како во спорот со Грција, кога токму македонската влада на чело со премиерот Заев попушти во спорот, откако први излегоа со предлогот Република Илинденска Македонија и ѝ даде до знаење на грчката страна дека веќе се откажал од своите црвени линии и е спремен да попушти.

„Република Илинденска Македонија е името за кое е можен компромис со Грција. Јас донесов одлука и стојам стопроцентно позади стремежот да успееме како народ, како држава, како идеја! Верувам во ова решение, подготвен сум да водам и ќе водам напред, рече премиерот Заев во мај 2018.
Таа цврстина, таа одлука позади која стоеше стопроцентно се сеќаваме дека траеше само два до три дена, а потоа ги прифати грчките услови, го прифати предлогот Република Северна Македонија за севкупна употреба, но и Преспанскиот договор, со кој потполно се откажа од половина македонска историја, но и со кој Грција и наметнува на Македонија нов идентитет. После тоа веќе во официјалните документи не постои националноста Македонец, туку граѓанин на Република Северна Македонија.“

Истото се случува и сега. Премиерот Заев понуди решение во кој Гоце Делчев треба да биде и македонски и бугарски револуционер. Што значи дека како во случајот со Грција, така и сега со Бугарија прв дава до знаење дека попушта.

Тоа значи дека, наскоро треба да очекуваме прифаќање на бугарските барања, односно Бугарија која тврди дека македонскиот народ е дел од бугарскиот, а Гоце Делчев е бугарски револуционер. Со тоа се урива темелот на современата македонска држава и идентитет кои се градени околу ликот и делото на Гоце Делчев, дело кое преку АСНОМ се втемели во создавањето на македонската држава во 1991 година.

Постави одговор

Your email address will not be published.