СДСМ и ДУИ постигнаа договор за нова Влада, Заев се согласи за Албанец премиер
Постигнат е коалициски договор со ДУИ за создавање на парламентарно мнозинство, за распределба на одговорности, состав и принципите на новата влада, објави претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска објави дека денеска е постигнат договор за создавање парламентарно мнозинство, формирање нова влада и за поделба на министерствата со ДУИ. Заев објави исто така дека нивниот денешен договор треба да го потврдат највисоките тела на партиите, денеска и утре. СДСМ, додаде Заев, договорот ќе го презентира и пред партиите дел од коалицијата „Можеме“ како и пред ДПА, како иден владин партнер.
-Ја прецизиравме и потврдивме рамката за идната соработка меѓу владината коалиција. Меѓу СДСМ и коалицијата „Можеме“ и ДУИ постигнат е коалициски договор за создавње парламентарно мнозинство, за распределба на одговорности, состав и принципите на новата влада со полн мандат која во следните четири години ќе работи посветено на интересите на граѓаните и на државата, рече Заев, кој посочи дека ќе ја предводи владата во следните четири години.
Но сепак, и покрај ваквите тврдења на лидерот на СДСМ дека токму тој ќе ја предводи владата во наредните четири години, полсе него од говорницата го демантираше лидерот на интегративците, Али Ахмети кој што откри дека премиер Албанец на чело на владата ќе застане последните 100 дена.
– Идејата беше за доближување, порака за преземање одговорност од Албанците за заедничка држава. Мора да му признаам на Заев за храброста и поздравувам дека ќе има Албанец премиер во последните 100 дена од оваа Влада, рече меѓу другото Ахмети, додавајќи оти идејата била да се доближат граѓаните и заедниците, а не да се раздвојат.
Она што сега остнува, е да се види поделбата на ресорите, односно она што го очекува јавноста е да види по која цена се испазарил лидерот на СДСМ со ДУИ.