По кривичната пријава, одреден притвор за Нефи Усеини и неговиот брат
Од обвинителството велат се набавуваат материјални докази и се сослушуваат сведоци. Но браќата Усеини сеуште не дале искази оти според полицискиот билтен и двајцата се водат како сеуште недостапни за полицијата.
Судот одреди мерка притвор за бизнисменот и советник во општина Охрид Нефи Усеини. Мерката е одредена и за неговиот брат. Двајцата се сомничат за делото насилство.
Вчера беше поднесена кривична пријава за советникот во општина Охрид Нефи Усеини и неговиот брат во врска со инцидентот кој се случил пред хотел во Охрид каде што тие двајца го напаѓаат Спиро Топаловски.
– По наредба на Јавен обвинител, СВР Охрид изврши претрес во домовите на пријавените. Се преземаат мерки за нивно пронаоѓање и за целосно расчистување на случајот – СВР Охрид.
Според тврдењата на Топалоски, советникот Усеини го удирал со пиштол по главата, а истиот пиштол бил вперен и кон неговиот 14 годишен син. Тој вчера во изјава за тв 24 рече и дека Нефи е само извршител додека причината се несогласувањата со бизнисменот Зоре Темелковски околу водоводната мрежа во населбата Рача каде што се соседи.
Усеини вчера ги демантираше тврдењата на Топалоски и рече дека не носел пиштол туку дека имало вербална расправија на која паднале само 2-3 шлаканици. Но, снимките на камерите во хотелот потврдија дека сепак било употребено оружје во целата драма која се случувала на сред бел ден пред објект кој меѓудругото периодов е полн со гости.